1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја сменат ли САД стратегијата кон Ирак?

5 декември 2006

Сигналите за промена на американската стратегија кон Ирак се множат.

https://p.dw.com/p/Ac1A
Абдел Азиз ал Хаким
Абдел Азиз ал ХакимФотографија: AP

Американскиот претседател Џорџ Буш вчера во Белата куќа го прими Абдул Азиз ал Хаким, влијателниот водач на “Советот на исламската револуција“ најголема партија на шиитското мнозинско население во Ирак. Хаким освен тоа располага со одлични контакти со соседен Иран. Даниел Шешкевиц известува од Вашингтон.

Со оглед дека актуелната американска администрација одбива директни преговори со официјален Техеран, Абдул Азиз ал Хаким може да биде интересен контакт. Тој имено во времето на Садам Хусеин помина многу години во егзил во соседен Иран и располага со добри контакти. Освен тоа Ал Хаким се смета за прагматичар и политичар со кого САД можат да водат дијалог. Во прилог зборува и фактот што под негова команда се наоѓаат 25.000 борци на т.н. Бадр бригади, вработени претежно во новите полициски сили на Ирак.

По едночасовните разговори домаќинот го пофали Ал Хаким како човек на мирот и разбирањето, па додаде:

“Му објаснив дека се‘ уште не сме задоволни со напредокот во Ирак. Сепак сакаме да соработуваме со суверената влада во Багдад за да ја постигнеме заедничката цел: создавање слободна држава, што може сама да се снабдува, да се брани и да има сопствена влада. Исто така и земја што ќе ни биде сојузник во борбата против екстремистите и терористите.“

Важна тема на разговорите во Белата куќа беше и преземањето на одговорноста за безбедноста во земјата од страна на ирачките сили:

“Разговаравме за неопходните средства, што и‘ се потребни на ирачката армија. Тука спаѓаат обука и оружје, за да може навистина да ја контролира ситуацијата во земјата“ - појасни Ал Хаким.

Тој исто така се изјасни за домашно решение за проблемите:

“Веруваме дека ирачките проблеми треба да бидат решени од Ирачаните – со помош на пријателите од целиот свет. Но, ги отфрламе сите обиди да се бараат регионални или меѓународни решенија за ирачкиот проблем.“

Дека посетата на моќниот лидер на шиитското мнозинско население може да биде сигнал во насока на промената на американската стратегија кон Ирак зборува и фактот што министерот за одбрана Доналд Рамсфлед, кој официјално си заминува од функцијата на 8. овој месец, на викендот упати јавно писмо до претседателот Буш. Во него Рамсфелд, како еден од клучните креатори на сегашната страгегија кон Ирак, препорачува нејзина промена. Тоа меѓу другото подразбира намалување на американските сили во Ирак и притисок врз ирачката влада да ги преземе функциите. Експертите за американската политика ова јавно писмо го сметаат за уште еден доказ оти досегашната американска стратегија кон Ирак доживеала неуспех!