1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се договорат ли западните земји за интервенција во Сирија?

Александар Методијев/афп/бета/миа30 мај 2012

Австралија е отворена за разговори за воена интервенција во Сирија, но предупреди дека на терен војниците ќе се соочат со големи предизвици. Францускиот претседател Оланд не исклучува воена интервенција а САД се двоумат.

https://p.dw.com/p/154Fa
Фотографија: Reuters

Официјална Камбера ги предводеше западните сили во вчерашното протерување на сириските дипломати во знак на протест поради масакрот во Хула, во кој загинаа најмалку 108 лица. Земјата преку министерот за надворешни работи Боб Кар прати порака дека ќе разговара за предлогот на францускиот претседател, но притоа потсети дека за воената интервенција е потребна едногласност во Советот за безбедност на ОН, а таму останатите земји веројатно ќе се соочат со критики на Кина и Русија. Кер рече и дека вооружувањето на сириската опозиција може да донесе дополнителни проблеми, бидејќи сириската влада тоа „ќе го протолкува како дозвола за колење, дури и поенергично отколку што до сега им правеше на политичките противници“.

Francois Hollande / Frankreich / Präsident
Франсоа ОландФотографија: AP

Во меѓувреме САД се двоумат за воената интервенција во Сирија. Белата куќа соопшти дека воената интервенција ќе доведе до уште поголем хаос и оти тоа во овој момент не е правилниот пат на дејствување. Сепак, портпаролот на Белата куќа Џеј Карни соопшти дека САД не отфрлиле ниту една варијанта, вклучувајќи ги и воените дејствија во однос на сириската криза.

Западот „врие“

Странската интервенција во Сирија најпрво не ја исклучи францускиот претседател Франсоа Оланд. „Не можеме да му дозволиме на Башар ал-Асад да го убива сопствениот народ. Воената интервенција не може да се исклучи, под услов да се извршува под агендата на меѓународното право, односно преку резолуција на Советот за безбедност на ОН“, изјави Оланд додавајќи дека тој и останатите западни лидери презеле обврска да ги убедат Русија и Кина за таквата одлука, како и за воведување санкции за земјата.

Опозицискиот Сириски национален совет вчера побара од Советот за безбедност да усвои резолуција, која ќе овозможи употреба на сила за да се спречи геноцидот и убиствата во Сирија.

Syrien Kofi Annan Besuch 2012
Кофи АнанФотографија: dapd

Кофи Анан, медијаторот на ОН и Арапската лига во сирискиот конфликт, денеска го предупреди сирискиот претседател Башар ал-Асад дека треба да стави крај на 15-месечното крвопролевање, предупредувајќи го дека насилството предизвикало „точка на вриење“ кај западните земји, кои започнаа со протерување на сириските дипломати.

„Му се обраќам нему за крвавите чекори сега, не утре, сега да создаде моментум за спроведување на планот. Тоа подразбира дека владата и сите милитанти поддржани од владата да ги запрат сите воени дејствија и да покажат максимална воздржаност“, порача Кофи Анан.

Русија согласна за истрага на убиствата

Во знак на протест за насилствата во земјата во координирана акција на ЕУ, САД, Австралија, Кандада и Швајцарија вчера беа протерани сириските дипломати од нивните земји. Русија, земјата која заедно со Кина двапати стави вето на резолуциите за Сирија во Советот за безбедност, е согласна да се спроведе истрага за убиствата во земјата. Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Париз со својот француски колега Оланд ќе разговара на оваа тема, како и за санкциите кон Сирија, кои ги заговараат западните сили.

Во меѓувреме, убиствата во земјата продолжуваат. Опозицијата соопшти дека во текот на вчерашниот ден во Сирија се убиени 98 лица, од кои 61 цивил. Според сириската опозиција, од избивањето на насилствата до денес во земјата се убиени повеќе од 13.000 лица.