1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040411 Libyen Aufständische

4 април 2011

Востаниците во Либија вложуваат големи напори да ја подобрат борбената готовност. Во меѓувреме добија главен командант, а на чело на малите единици се наоѓаат професионални војници и офицери, кои ја смениле страната.

https://p.dw.com/p/10nBv
Либиски востаници при стрелбата врз силите на Гадафи кај градот Брега
Либиски востаници при стрелбата врз силите на Гадафи кај градот БрегаФотографија: AP

Улицата што води во војна е права како пушка. Од градот Бенгази води права прашлива улица, што минува низ пустината во која нема ни дрво, ни објекти. Веднаш на излезот од градот, што се наоѓа на истокот на Либија, можат да се видат уништени тенкови на либиската армија. Да не беа француските ловци, колоната оклопни возила ќе го заземеше Бенгази, жариштето на движењето на отпорот. Сега востаниците се обидуваат подобро да се организираат за да ги потиснат силите лојални на Моамер ел Гадафи што е можно подалеку на запад. Борците, кои се борат на нивна страна, не наликуваат на организирана воена формација. Тие изгледаат неуредно и носат делови од разни униформи. На рамото речиси сите имаат калашникови.

„Некако ќе дојдеме до оружје“

Штотуку доаѓаат двајца нови регрути, кои сакаат да се борат на страната на востаниците:

Француски ловец мираж по враќањето од ангажман во Либија
Француски ловец мираж по враќањето од ангажман во ЛибијаФотографија: DW

„Сакаме да ја ослободиме Либија од Моамер ел Гадафи. Оружје некако ќе добиеме, а ако не, тогаш ќе се бориме со камења. Само тој да замине, тој и неговите стаорци. Се надевам дека ќе успееме да одземеме дел од оружјето на песот Гадафи. Ќе се бориме до крај!“

Но, тоа не оди така едноставно. Откако главната команда ја презеде искусниот војник и поранешен министер за внатрешни работи на Либија, Абдел Фатах Јунис, востаничките сили добиваат структура. Тој нареди создавање мали чети од по седум борци, на чие чело стои обучено воено лице.

Обука во Русија

Еден од нив е Фавзи Ибрахим Шеихи од градот Аџдабија: „Бев професионален војник, минав низ двегодишна обука во Русија. Имаме офицери кои ни‘ покажуваат како да навлеземе во некој град, како да се повлечеме од него и како повторно да напаѓаме. Тоа го нареди Абдел Фатах Јунис. Со него се борев во Република Чад, откако се вратив од обуката во Русија.“

Оружјето на востаниците е најчесто слабо и застарено
Оружјето на востаниците е најчесто слабо и застареноФотографија: AP

Еден од младите војници во неговата чета, пак, вели: „Минав курс од 15 дена, но брзо научивме, борејќи се на бојното поле.“

Младиот востаник има турбан на главата со боите на либиската револуција, а околу вратот има врзано куршум - за Моамер, нагласува решително! Тој веќе цел месец не бил дома, но не се жали. На возилото што им се расипало имаат монтирано стар руски митралез за противвоздушна одбрана од 1980-тите години. Освен тоа во товарниот дел од возилото се наоѓаат и неколку рачни гранати, како и една противтенковска ракета. Тие не се прицврстени, ниту пак заштитени од врелото сонце. „Господ е со нас!“, вели еден од востаниците. „Тоа мора да биде доволно!“

Автор: Естер Сауб / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска