1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе му подарат ли играчите победа на Шааф за роденден?

30 април 2009

Вердер од Бремен и Хамбургер денеска (30.04.2009), по вторпат за само 8 дена, играат еден против друг. Средбата е од полуфиналето на Купот на УЕФА. Во германскиот куп, минатата недела, победи Вердер. Реванш на Хамбургер?

https://p.dw.com/p/Hgv3

Утеха за Хамбургер е што вечер нема да има изведување пенали. Така и нема опасност голманот на Вердер, Тим Визе, кој во Купот на Германија одбрани три пенали, повторно да биде херој за својот тим и расипувач на забавата за Хамбургер.

Тренерот на Вердер, Томас Шааф, пред средбата вели: „Имаме предност, во финалето на германскиот куп сме. Но, мислам дека Хамбургер ќе даде силен отпор за да не го доживее тоа повторно“.

Дополнителен мотив за тимот од Бремен би можел да биде денешниот 48-ми роденден на Шааф. Најдобар подарок од играчите би била победа. Минус на Вердер е билансот со картоните - шестмина актери во зелено-бели дресови веќе имаат жолт картон и доколку добијат по уште еден, нема да можат да играат на вториот натпревар.

Тренерот на Хамбургер, Мартин Јол, пак, исто така размислува околу подарок за роденденот на неговиот колега од Бремен. „Сигурно нема да купиме ништо скапо. Мора да размислиме - можеби шише вино. Во секој случај, не сакаме да му го подариме финалето во Истанбул.“

Во второто полуфинале на Купот на УЕФА играат Шахтјор Доњецк и Динамо Киев - исто така национален дуел, само не германски, туку украински. Реванш-средбите од полуфиналето ќе се играат наредната недела. Финалето е на 20 мај во Истанбул.

Во Лигата на шампиони подобра позиција има Манчестер Јунајтед

Во полуфиналето на Лигата на шампиони, пак, вчеравечер, Манчестер Јунајтед го победи Арсенал со 1:0 и си обезбеди подобра позиција пред вториот натпревар, наредниот вторник, во Лондон. Тренерот Алекс Фергусон е задоволен: „Пред натпреварот реков - да се обидеме и да победиме и да не примиме гол. Тоа и го сторивме.“

Fußball Champions League Manchester United FC Arsenal Torschütze O Shea
Стрелецот на голот за Манчестер Јунајтед, Џон О‘ ШиФотографија: AP

Тренерот на Арсенал, Арсен Венгер, пак, не губи надеж: „Позитивен аспект е што резултатот е само 0:1, а ние сега ќе играме на домашен терен. Убеден сум дека ќе може да се види поинаков тим на Арсенал.“

Во другото полуфинале на Лигата на Шампиони, тимовите на Барселона и Челзи стартуваат отприлика еднакво, ако се изземе предноста на домашниот терен што ќе ја има Челзи. Првиот натпревар заврши 0:0.

Автор: ЕМФ/ЗЈ/дв

Редактор: Жана Ацеска