1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ги пробие ли сите филтри Законот за енергетика?

6 октомври 2010

Предлог законот за енергетика, по сериозните забелешки од Брисел, со серија измени влезе во собраниска процедура. EK бара законот да биде во согласност со енергетските стандарди и да овозможи либерализација на пазарот.

https://p.dw.com/p/PWIU
Фотографија: BilderBox

Енергетската заедница за Југоисточна Европа ги поздрави измените на Предлог законот за енергетика, но уште еднаш предупреди дека Регулаторите треба да стекнат целосна независност од политичките субјекти. Брисел, сепак, директно предупредува дека цената на струјата не треба да се држи вештачки на ниско ниво:

„Ако има политичка цена која не ја одразува производната цена на пазарот, тогаш мора да се движите кон либералниот пазар. Тој подразбира зголемување на цените за еден период. Но, ако цените вештачки ги чувате ниски, последиците би биле многу високи. Нема да има инвестиции, а цената ќе биде многу повисока од оние во либерализираниот пазар“, вели Фабрицио Барбасо, заменик-генерален директор на Европската комисија за енергетика.

Што се менува?

Една од клучните измени е тоа што АД ЕЛЕМ-Електрани на Македонија веќе нема да ја има улогата на увозник на струја за потребите на другите енергетски компании. Исто така, се зголемуваат и ингеренциите на Регулаторната комисија за енергетика која ќе одредува кои компании можат да бидат снабдувачи со енергија. Според министерот за економија Фатмир Бесими, законот бил поддржан од страна на Енергетската заедница, не фаворизирал ниту една компанија, туку бил во функција на заштита на потрошувачите и заштитата на нивните права.

Експертите имаат дилеми

Дел од експертската јавност се согласува дека Македонија мора постепено да ги корегира цените за да се прилагоди на промените во 2015 година, кога енергетскиот регионален пазар целосно ќе се отвори. Ова особено што во крајната цена на струјата не се пресметуваат инвестициите во системите и мрежата, смета експертот за енергетика Константин Димитров. Тој смета дека се потребни постепени корекции на цената за да се добијат дополнителни можности за инвестиции на производителите на струја, но и да се одбегне ценовен шок во 2015 година, кога цените би можеле двојно да се зголемат.

Symbolbild Verbraucher Strom Preis Stecker und Steckdose
Цената на струјата да не се држи вештачки на ниско ниво, предупредува БриселФотографија: AP

Професорот Атанаско Туневски, пак, предупредува дека се потребни сериозни и внимателни анализи. Според него, апсурдно е да се корегираат цените, ако се имало предвид дека енергетските компании постојано се фалеле дека остварувале профит. Тој вели дека ако во вакви услови се корегирала цената, тогаш е нејасно каде оделе вишокот пари. Проблематично за Туневски е како и граѓаните ќе реагираат, ако се знае дека голем дел одвај ги плаќаат и сегашните сметки.

Ќе има и што не се бара

Инаку, со новиот закон би се вовеле и некои директиви кои не се бараат од Македонија, но се добри за земјата - енергетски карактеристики на зградите, енергетска ефикасност и енергетски услуги, промоција на обновливи извори на енергија, еко-дизајн на производите што користат енергија и енергетска ефикасност на приклучоци на флуоресцентни сијалици.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска