1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Њујорк стивна од почит спрема жртвите на теророт

12 септември 2007

Комеморацијата на 6-годишнината од нападите од 11-ти септември 2001-ва за прв пат не се одржа на Граунд зиро. Фелиша Дан-Џонс прва што е признаена како жртва што починала од последици на нападите врз нејзиното здравје

https://p.dw.com/p/Bf0N
Њујорк, 11-ти септември 2001 - кулите на Светскиот трговски центар во пламенФотографија: AP

Шест години поминаа од оној 11-ти септември во кој во Њујорк, Вашингтон, но и во целиот свет без здив и со неверување беа следени сцените што надминаа секаква филмска фантазија – терористичките напади врз кулите-близначки на Светскиот трговски центар и Пентагонот - седиштето на американското министерство за одбрана. Загинаа вкупно 2974 луѓе, како и 19-темина атентатори. Вчера во Њујорк се одржа комеморација во близина на Граунд зиро, а почит на жртвите им оддаде и претседателот Џорџ Буш со една минута молчење.

Њујорк стивна, замреа сирените на такси-автомобилите на градските авении, луѓето на улиците одвај да разменуваа по некој збор. По силен дожд стотици роднини на жртвите на нападите уште со часови пред почетокот на комеморацијата се собираа во еден парк недалеку од Граунд зиро, местото на кое до нападите се извиваа кулите на Светскиот трговски центар.

Во 8 часот и 46 минути по локално време, моментот во кој пред шест години првиот авион удри во северната кула, се огласи камбана. Додека беа читани имињата на 2750 жртви, колку што настрадаа во Њујорк, многумина од роднините отидоа кон Граунд зиро за да остават цвеќе врз водната површина на еден базен. Вчера за прв пат комеморацијата не се одржа на самото место на трагедијата, кое е сега големо градилиште. “Тие се уште наоѓаат делови од човечки тела. Мојот син Џои никогаш не беше идентификуван. За мене овде е неговото последно почивалиште, поради тоа секоја година доаѓам овде” – вели Боб Дојл.

Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг истрпе многу критики од роднините на жртвите поради преместувањето на комеморацијата во ближниот парк, оти на градилиштето на Граунд зиро е премногу опасно. “Оваа беше последна година луѓето преку рампата да одат во ископот на градилиштето. Наредната година веќе ќе ја нема рампата, ќе бидеме под принуда на промените. Но, ние и самите би требало да бараме промени. Не треба да заборавиме дека имаме и иднина” – рече Блумберг.

На комеморацијата, под чадорите за дожд, роднините ги држеа фотографиите на загинатите. Присутен беше и тогашниот градоначалник Рудолф Џулијани. За многу од семејствата на настраданите е спорно што и тој држеше говор, оти за нив е одбивно дека тој кандидатурата за претседател на САД ја базира врз наводните искуства и успеси во врска со 11-ти септември. Критичарите го сметаат неговиот настап за непожелна политизација на комеморацијата.

Речиси четири часа траеше читањето на имињата на загинатите. За прв пат беше прочитано и името на Фелиша Дан-Џонс. Таа ги преживеа атентатите, но почина пет месеци подоцна од болест на белите дробови, предизвикана од вдишаната прашина што се крена со уривањето беа кулите. Таа е прва што е признаена како жртва што починала од последици на нападите врз нејзиното здравје.

Мартина Батлер