1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубов без граници

3 јули 2010

Географските далечини, етничките припадности и различните јазици напати кај луѓето не играат никаква улога: тоа го покажуваат Љубица Сибиновска, од тетовското село Блаце, и Џоџкути Пунакату, од градот Каликат во Индија.

https://p.dw.com/p/O0tl
Љубица Сибиновска и Џоџкути ПунакатуФотографија: DW

Шеесет и пет годишниот Индиец, кого го викаат со англизиран прекар „Џорџ“ и неговата неколку години помлада сопруга овие денови се наоѓаат на одмор во Блаце. Тие и двајцата се веќе пензионери. Претходно, во потрагата по подобар живот, случајноста „изрежирала“ Џоџкути и Љубица да се најдат во градот Билефелд, во Германија. Љубица се вработила во тамошната болница, во која Џоџкути веќе работел како психолог. Меѓусебните контакти прераснале бргу во цврсто пријателство, а потоа и во љубов, крунисана со брак. Тие сега живеат во Германија, но често патуваат во Македонија и во Индија.

Дојче веле ги праша: како беше примен секој од нив во семејството и во општествената средина во татковината на другиот брачен другар?

Зборувајќи со мешање на англиски, германски, но и со по некој македонски зборови, сето тоа повремено проследувано со заразна смеа, ведриот Индиец одговара: „Првин бев малку заплашен кога дојдов во Блаце, како ќе реагираат луѓето на мене, зашто мојата кожа е со браон боја. Но, по почетното љубопитство, многу бргу се вклопив. Немаше никакви проблеми.“

„Ја засакав оваа земја, овој народ ...“

Многу бргу потоа гостољубивата македонска душа се отвори широко за Индиецот Пунакату со исто таква душа, кој дополнува: „По неколку дена луѓето ме засакаа, но и јас ја засакав оваа земја, ова место, го засакав овој народ. Сите во Блаце, во Тетово и во Македонија ме почитуваат и тоа придонесува овде да се чувствувам како да сум дома.“

Љубица се надоврзува на зборовите на нејзиниот сопруг во врска со периодот на неговото прифаќање во нејзиниот роден крај: „Толку бргу го прифатија што по неколку месеци, по една година, сите прашуваа: ‘Кога ќе дојде Џорџ?“

Ljubica Sibinovska und Dzodzukuti Punakatu
Џоџкути ПунакатуФотографија: DW

Бошко Богоевски, член на Советот на Месната заедница во Блаце, ги изнесува и своите впечатоци: „Би рекол, Џорџ е денес најомилениот жител на село Блаце. Сите го очекуваат неговото доаѓање. Сите го чувствуваат како свој и сите сакаат да слушнат за него и за неговата земја, за историјата на Керала.“

Какво беше, пак, прифаќањето на Љубица Сибиновска во татковината и родниот крај, како и во семејството Пунакату? Таа го опишува вака својот прв контакт со родителите и роднините на Џоџкути во Керала: „Тие се држат многу конзервативно, секој се мажи, или се жени со човек од својата религија. Не е важно од која земја е, дали од Македонија, на пример. Кога разбраа за мене дека сум православна и дека сум православна – е, тогаш немаше веќе никакви проблеми. За десеттина дена ме примија целосно. Ја засакав Индија. Во родното место на мојот сопруг јас сум посебно почитувана не само од роднините, туку и од другите граѓани.“

Нејзиниот маж укажува на општествениот менталитет во неговата земја: „Конзервативизмот во индиското општество е многу, многу стара традиција. Но, не постои проблем меѓу религиите, бојата на кожата.“

„Тринаесет генерации во семејството Пунакату – православни попови !“

Сибиновска посочува и на еден интересен момент од животот на семејството Пунакату: „Тринаесет поколенија едноподруго по еден член на семејството бил поп. Последниот во оваа низа е неговиот татко.“

Ljubica Sibinovska und Dzodzukuti Punakatu
Љубица Сибиновска и Џоџкути ПунакатуФотографија: DW

Џоџкути на разбирлив македонски јазик се надоврзува: „Тринаесет генерации ... од фамилијата и татко ми ... беа православни попови. Тринаесет генерации.“

Дојче веле ја праша оваа интернационална брачна двојка, која ги избриша сите граници во своите животи: што претставува за нив земјата на брачниот партнер, како гледаат на неа, но и на својата татковина, сега кога веќе со години живеат во друга држава?

Пунакату веднаш првиот одговара, пак со својата насмевка, која плени: „Јас ја доживувам Македонија како своја прва, не како друга татковина! Ја сакам мојата татковина Керала во Индија, но уште повеќе го сакам Блаце.“

Љубица вели: „Кога би ги редела по ред, ако се прашуваат срцето и душата, мојата татковина е онаму каде што сум се родила – Македонија. Мојата втора татковина е Германија: таму сега живееме ние и нашите деца. Индија со задоволство за мене би била мојата друга татковина по ред и би живеела во неа, но, проблем е само - јазикот.“

Двајцата животни партнери сега ја имаат во своето планирање Индија, да го посетат и знаменитиот мавзолеј „Таџ Махал“, а вгодина, за црковно-народниот празник „Света Троица“, кон крајот на мај, повторно во Блаце, во истоимениот православен манастир. Џоџкути ги засака толку многу него и вториот храм на Македонската православна црква во ова село – „Светите Константин и Елена“ што често пати доаѓаше и ги отклучуваше црквите и палеше свеќи во нив, додека се се’ уште овие денови на одмор во Блаце.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска