„Љубовта“ продолжува-коалицијата по старо
6 октомври 2012Вчерашниот епилог од гласањето за недоверба на Владата може накусо да се оцени како релативен триумф на владеачката опозиција, целосен триумф на албанските партии и целосно фијаско на опозицијата обвинета за антиалбанство, коментира за Дојче Веле универзитетскиот професор Билјана Ванковска. За неа е интересно што целата дебата најмалку се однесуваше на оценка на работењето, т.е. нефункционирањето на институциите на власта, а се сведе на тоа кој е про, а кој антиалбански настроен. Ова според неа е уште една јасна индикација дека албанските партнери во власта не се подложни на критика и политичка, па и правна одговорност, затоа што секоја македонска партија е свесна дека порано или подоцна ќе мора да прави коалиција со една од нив:
„ Веќе е извесно дека ќе има предвремени избори штом владеачката опозиција ќе оцени дека е време за тоа најверојатно март, за да се завршат и законските реформи. Но долгорочно гледано застрашува фактот дека ваквото поигрување со принципите на демократијата и владеењето на правото стануваат правило, а не исклучок. Ова само ја приближува Македонија кон целосна етничка сегрегација под превезот на врска заснована на љубов и омраза ем се караат, ем се сакаат, а институциите стануваат нефункционални“, предупредува Ванковска.
Чиста калкулација
Од епилогот во Парламентот не е изненаден ниту универзитетскиот професор Мерсел Биљали. Во вакви услови тој смета дека на опозицијата и се потребни нови сили и тоа длабински. И покрај фактот што ДУИ гласаше за поддршка на владината коалиција, тој не гледа простор за позитивно придвижување туку напротив: „Ситуацијата ќе се влошува и на меѓуетнички и на економски план. Ни во сон не очекував дека парламентот ќе и изгласа недоверба на Владата. Потегот на ДУИ е чиста калкулација, власта не се напушта туку така“, смета Биљали.
Втора неуспешна интерпелација
Текот на расправата во парламентот според професорот Јове Кекеновски само ја потврди безидејноста на опозицијата и овозможил простор за вешт маневар и тактика на власта. За него е нелогично што опозицијата барала уривање на Владата а од друга страна била свесна дека тоа нема да успее. Власта според него за прв пат употреби стратегија на министерски отчет за сработеното како одговор на обвинувањата на пратениците од опозицијата, што се покажала успешна:
„Интересно е однесувањето на ДУИ која реши да ги закопа несогласувањата во владејачката коалиција. Да се надеваме дека конечно ќе профункционира правната држава и ќе прекине кршењето на Уставот од страна на градоначалници на албанскиот коалиционен партнер. За мене е нелогично што ДПА воопшто не гласаше. Со ваквиот епилог сега останува на добрата волја на власта која самата ќе реши кога ќе има избори“, смета Кекеновски.
По јуни 2006-та ова е втор пат Владата предводена од премиерот Никола Груевски да преживее интерпелација во Парламентот.