1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубовта посилна од верата и националноста

Ајдин Камбер
16 мај 2017

Поради силниот притисок на заедницата, младите сѐ поретко се решаваат за врски или брак со личност од друга националност или вероисповед. Но, во БиХ има и такви кои не се обѕрнуваат на притисоците.

https://p.dw.com/p/2d3Ty
Gemischtes Paar
Фотографија: PA/dpa

Во време на бившата Југославија, мешовитите бракови беа прифатени и чести, посебно во урбаните средини, но денес ситуацијата е поинаква. Поради силниот притисок на заедницата, младите сѐ поретко се решаваат за врски или брак со личност од друга националност или вероисповед. Но, во БиХ има и такви кои не се обѕрнуваат на притисоците. Неколу примери: во гламочкото село Халапиќ две години во брак се Србин католик и католичка Албанка. Симо и Рина Калаба со други повратници денес живеат во полуразурнатото село. Нивниот син Бојан е прво дете родено во селото по 25 години. Главен извор на приходи им е одгледување на крави и производство на млеко.

„Никогаш немавме проблеми“, вели Симо Калаба. Рина е скромна и се труди да го научи јазикот. „Важно е да се сакаме и почитуваме“, истакнува таа.

Понатаму, во селото Ковачевци, семејството Реиз ги минува пензионерските денови. Со децении се во складен брак и живеат на релација Гламоч-Швајцарија.

Зухдија Реиз вели: „50 години сме заедно и немавме проблеми“. Тој секому посакува слично складен брак. 

„Не ги учиме децата да бираат страна. Ги учиме да ги почитуваат сите луѓе“. Мостар во минатото бил познат по бројни мешовити бракови. Тоа го истакнува и Роберт Јандриќ:

„Татко ми е роден во 1948, а мајка ми во 1954 година.  Ме запрепастува сега да зборуваме за вакви работи, кои порано биле сосем нормални.“ Алдина Јандриќ, неговата сопруга, дополнува: „Денес стана необично да се живее во мешан брак“.

Роберт вели дека предност на мешовитиот брак е што детето расте неоптоварено од митови. Тој им е благодарен на родителите кои го воспитале на таков начин. „Денешните деца не се толку среќни. Често се случуваат конфликти во училиштето поради вакви сфаќања.“

Роберт и за Алдина се едногласни: „За брак е потребна љубов. Не е важна ниту вера, ни нација, ниту било што друго. Ниту пари.“

Љубовта посилна од верата и националноста