1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јуанот „се откачува“ од доларот

22 јуни 2010

Една недела пред средбата на Групата 20, Кина очигледно се обидува да испегла стар спор: јуанот веќе нема да биде врзан со курсот на доларот. САД и Европа ја обвинуваат за вештачко одржување низок курс на јуанот.

https://p.dw.com/p/NzDZ
Курсот на јуанот веќе не е „врзан“ за курсот на доларотФотографија: picture-alliance / Newscom

Само што Кинеската централна банка најави дека курсот на јуанот веќе нема да биде врзан за доларот, владиниот портпарол Ќин Ганг на конференција за новинарите изјави:

„Според нас нема смисол на состанокот на Г20 да се расправа за курсот на јуанот. Ние и натаму ќе ја реформираме монетарната политика, но самостојно и контролирано, се противиме на политизацијата на темата. Ќе се спротиставиме секому кој ќе врши притисок врз нас,“ изјави Ќин.

Според мислењето на Пекинг, Запад, пред се‘ САД, вршат таков притисок. Американските политичари ја обвинуваат Кина за големот трговски дефицит на САД и за губењето на работни места во земјата. Наводно, кинеските производи се поевтини поради нереално нискиот курс на јуанот и тоа претставува нереална конкуренција.

Аргументацијата е доведена под прашање

Кинеските економисти не се единствените кои тоа го сметаат за неточно. Американскиот стручњак за Кина Дејвид Цвајг вели:

„Во време на финансиската криза САД најмногу извезуваа во Кина. Фирмите во Кина вршат монтажа на производи и оттаму ги испраќаат до крајните потрошувачи во САД и на тоа се заснова меѓу 60 и 70 проценти од кинескиот извоз. Во тоа гледаме проблем и на статистиката. Кина ја нарекуваме ’работилница на светот“, а би било поисправно ако ја означиме као ’светска монтажна хала’“.

China Dongguan Plastik Fabrik Industrie Flash-Galerie
Кина ја нарекуваме работилница на светот, а би било поисправно ако ја означиме као ’светска монтажна хала, вели Дејвид ЦвајгФотографија: AP

За фирмите е важен стабилен курс на јуанот

Шангајскиот аналитичар Је Тан вели дека кога-тогаш мораше да дојде до одделување на јуанот од доларот. Впрочем, меѓу 2005 и 2008 година, вредноста на јуанот во однос на доларот веќе порасна за 21 процент, во однос на еврото, само годинава, јуанот е поскап за 15 проценти, па Је Тан вели:

„За мнозинството шефови на фирми важен е стабилен курс. Доколку вредноста на јуанот расте, тие бегаат од извозот и се свртуваат кон домашниот пазар.“

Тоа, меѓутоа, е во согласност со економската стратегија на владата и Бен Симпфендорфер, задолжен за Кина во „Ројал бенк оф Скотланд“ истакнува:

„Кинезите сфаќаат дека умерено посилна валута е важна за нив поради рамнотежата меѓу извозот и надворешниот пазар. Тие тукушто почнаа да ја воспоставуват таа рамнотежа. Ќе бидат потребни децении додека да се намали значењето на извозот во градежништвото, зашто домашната побарувачка е премала за да ја пополни празнината што би ја оставило намалувањето на извозот,“ вели Симпендорфер.

Експертите ширум светот се единствени во мислењето дека не претстои некои поголемо зголемување на вредноста не кинеската валута. Згора на тоа, студија на американскиот економски институт Петерсон проценува дека јуанот ионака не е веќе потценет за 40 проценти во однос на доларот како што беше кон крајот на минатата година, туку само за уште 24 проценти.

Автор: Астрид Фрајајзен / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска