1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Јасеновац - контроверза изникната на местото на пеколот

Синиша Богданиќ
15 април 2019

Некогашниот логор на смртта не е место за тивка комеморација на жртвите, туку ареал за политички борби.

https://p.dw.com/p/3GmVV
Denkmal für die Opfer des Konzentrationslagers Jasenovac
Фотографија: picture-alliance/ I. Kralj/PIXSELL

Во Хрватска и годинава се организирани две комеморации во Хрватска, една државна и друга протестна, која предупреди и на релативизирањето на усташтвото.  

Во исто време, научниците од документите и сведочењата на преживеаните се обидуваат да го состават мозаикот на злосторот. Еден од ретките кои извлекоа жива глава од јасеновачката жица беше Ѓорѓе Милиша, кој веднаш по завршувањето на Втората светска војна ги објави сеќавањата за суровите егзекуциии и животот во усташкиот логор во книгата „Во мачилиштето на пеколот Јасеновац". Тој тогаш утврди дека на тоа место се убиени повеќе од 700.000 Евреи, Срби, Роми и неподобни Хрвати, а неочекувано книгата ја запалија комунистичките власти. За забраната за истражување на Јасеновац во тогашна Југославија, разговаравме со историчарот д-р Марио Кево.

Слобода на истражување на делот од историјата кој се однесува на Јасеновац не постоеше во тогашна Југославија?

Марио Кево: Па, не баш. Пописи правеа разни институции во 1946, 1950 и во 1964 година. Последниот попис од 1964 година го спроведе Сојузниот завод за статистика, а беа попишувани загинатите во војната во поранешна Југославија. Требаше да се дојде до оној број на жртви од 1.706.000 кој е поставен по завршувањето на војната, пред сѐ поради побарувањата на репарации од Германија. Попишаа околу 600 илјади жртви како последица на германскиот напад и на колаборационистите, па се постави прашањето каде е разликата - дали непопишаните жртви страдале на другата страна? Затоа, резултатите од овој попис беа официјална државна тајна, а за првпат беа објавени во странство на крајот на 80-тите години од минатиот век. Од тој попис тогаш настана т.н. „Сина книга", во која се набројани околу 59.000 жртви од усташките концентрациони логори Јасеновац и Стара Градишка, што, се разбира, не беше и конечен попис. Имаше и похрабри луѓе кои се обидуваа нешто да се истражуваат, но имаше и такви кои претеруваа и говореа за 700.000 па дури и за повеќе од еден милион жртви кои му се припишуваа само на логорот Јасеновац.

Mario Kevo
Марио КевоФотографија: DW/S. Bogdanić

Дали е вистина дека Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на Југославија, никогаш не го посетил спомен-подрачјето Јасеновац?

Неспорен факт е дека тој никогаш не го посетил спомен-подрачјето. Тоа остана мистерија.

Додека разговараме Евреи, Срби, Роми, антифашистички и организации за човекови права одржуваат комеморација во Јасеновац, одвоена од државната комеморација. Многу од нив забележуваат дека  сегашната поставка на Спомен-подрачјето Јасеновац е преблага и оти не го прикажува вистинскиот карактер на Јасеновац.

Луѓето кои приговараат вообичаено мислат дека се разбираат во сѐ, а всушност знаат навистина малку за тоа. Тоа нѐ следи со децении, особено кај контроверзните теми. Изложбената поставка до 1990 беше, како што рековте, многу брутална. Соработував на актуелната поставка, која е ограничена на неколку битни работи. Сета музејска градба беше однесена за време на Татковинската војна во 1990-те. Едно време наводно се наоѓала во приватна куќа во Дубица, па наводно била преместена во друга куќа, по што завршила во соседна БиХ, на подрачјето на Република Српска. Во соработка со вашингтонскиот Меморијален музеј на холокаустот дел од тој фундус е вратен, иако највредните делови не се вратени. Недостасува околу една третина од фундусот.

Повеќе:

-Заборавен и потиснат: Холокаустот во Србија и во Хрватска

-Јасеновац - политичка арена на полињата на смртта

-Сеќавања на логорот на смртта - Јасеновац

Но забележуваат токму на тоа дека не е изложен...

Изложбениот простор е мал, па така трајната поставка е работена според современите музеолошки сознанија. Акцентот е ставен токму на жртвата, на поединецот, што пак наједноставно, со оглед на споменатите ограничувања, можеше да се реши со мултимедијален приказ. Се разбира, изложен е и дел од фундусот, но и претходните изложби, какви и да биле, прикажувале само делче од музејскиот фундус. На дежурните критичари, се разбира, никогаш ништо не им одговара, а со оглед на оваа поделба на „усташи“ и „партизани“, која секоја година најчесто ја следи раната пролет во Хрватска, секогаш ќе најдете некој кому ништо нема да му одговара. Меѓутоа, се стекнува впечаток дека сѐ друго е побитно, само не оддавањето пиетет на лицата кои таму страдале.

Ова е извадок од интервјуто за хрватската редакција на ДВ со др. Марио Кево, кој има работено во јавната установа Спомен-подрачје Јасеновац и во Хрватскиот институт за историја. Меѓу другото, тој во научен труд се има занимавано со логорскиот систем во Независна Држава Хрватска (НДХ) за време на Втората светска војна.