1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонските власти почнуваат со деконтаминација на областа околу Фукушима

7 декември 2011

Јапонската влада денеска (07.12) испрати 900 војници во областите околу нуклеарната централа Фукушима, кои ќе имаат задача да го деконтаминираат теренот. Во околината на Фукушима градовите ќе останат празни со децении.

https://p.dw.com/p/13O3U
Еден од разурнатите реактори во нуклеарката Фукушима 1Фотографија: AP

Трупите веќе започнаа да ги чистат општинските канцеларии во зоната забранета за движење, како и во соседните области. Владата сака тие објекти да послужат како база од која во јануари работници ќе започнат со отстранувањето на радиоактивниот материјал од областа во која се наоѓа нуклеарката Фукушима. Дел од неа се урна на 11 март, во земјотресот со јачина од девет степени.

Радиоактивно млеко во прав

Последиците од радијацијата се чувствуваат и девет месеци по несреќата, бидејќи таа се рашири и преку воздухот и преку океанот. Така, најголемиот кинески производител на храна и бонбони, Меји, најави повлекување на 400.000 лименки со млеко во прав за бебиња, откако во него беа пронајдени траги од радијација.

Jahresrückblick 2011 Fukushima
Работите на деконтаминација започнааФотографија: picture alliance/dpa

Компанијата не знае колку лименки веќе стасале до потрошувачите, но знаат дека се преплавени со прашања од загрижените купувачи. Млекото е произведено во март и април и има рок на траење до октомври следната година.

Истекува радиоактивна вода во океанот

Се чини дека проблемот со радијацијата во Фукушима не запира. 150 литри високо радиоактивна отпадна вода вчера истече во Пацификот. Стронциумот, кој се наоѓал во водата, е поврзан со појавата на ракот на коските. Компанијата „Токио електроник пауер“ во понеделникот (05.12) објави и дека други 300 литри високо контаминирана вода исчезнала во океанот.

Во деновите по земјотресот во океанот истекоа 10.000 тони ниско радиоактивна вода. Извештаите од експертите велат дека токсичната вода се раширила во океанот и не претставува опасност за човекот или за животинскиот свет.

Поради радијацијата десетици илјади луѓе се раселени, а цели градови останаа без население и веројатно такви и ќе останат со децении.

Автор: Александар Методијев /СН/ап/афп

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска