Јапонија: Реизбор на Шинзо Абе
1 ноември 2017Шинзо Абе денеска е реизбран за јапонски премиер откако неговиот владејачки блок пред десет дена забележа убедлива изборна победа. Неговиот повторен избор доаѓа неколу дена пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Јапонија, а на која, според очекувањата, би требало да доминира прашањето на Северна Кореја.
Абе (63) должноста премиер ја презеде во декември 2012 година ветувајќи заживување на економијата и зајакнување на одбраната на земјата. Коалицијата предводена од неговата Либерално-демократска партија го задржа двотретинското мнозинство во долниот дом на парламентот на изборите одржани на 22 октомври, што им дава нов замав на неговите настојувања да го промени повоениот пацифистички устав во земјата.
Се очекува оти Абе ќе ги задржи досегашните министри и во новата влада и ќе им даде задача да изработат нов буџет со акцент на грижата за децата и на зајакнување на продуктивноста.
Во телефонски разговор во понеделникот Абе и Трамп се согласија дека заедно ќе работат на чекорите со кои би се одговорило на развојот на нуклеарно оружје во Северна Кореја.
Трамп му кажал на Абе оти „се радува на посетата на Јапонија“ на 5 ноември додавајќи дека Јапонија и САД се „100 насто заедно“ и оти „нема никаков простор за сомнеж во американско-јапонскиот сојуз“, изјави преставникот на јапонската влада Јасутоши Нишимура за новинарите.