1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанукович бара трговски преговори со ЕУ

Б. Георгиевски/дпа/миа2 декември 2013

Украинскиот претседател Јанукович во телефонски разговор со претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо барал да започнат разговори за слободна трговија меѓу Киев и Брисел. Демонстрантите и натаму во Киев

https://p.dw.com/p/1ARvP
Фотографија: Reuters

Европската унија ги повика денеска властите во Украина да покажат крајна воздржаност по жестоките судири за време на викендот меѓу полицијата и демонстрантите кои се незадоволни поради отфрлањето на договорот за асоцијација со Унијата. Според претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, украинските државни власти не само што ги игнорираат барањата на многу свои сограѓани, туку и ги задушуваат со пендреци и солзавец кога во очај изразуваат надеж на улица.

Седиштето на Владата во Киев денеска беше опколено од демонстранти кои бараат оставка на Виктор Јанукович и нови избори. Портпаролот на Парламентот на Украина Володимир Рибак изјави дека утре пратениците ќе го разгледаат барањето од опозицијата за гласање недоверба на Владата.

Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо побара од властите во Киев да го почитуваат правото на мирен протест и да отворат дијалог со релевантните политички сили во земјата.

На вчерашните протести во главниот град на Украина, на кои учествуваат повеќе од 100 илјади луѓе, дојде до жестоки судири со полицијата во кои беа повредени повеќе од 100 луѓе, откако демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на претседателот. Бројот на демонстрантите денеска е далеку помал, и изнесува околу 5.000 луѓе.

Ukraine Präsident Janukowitsch Fernsehen Medien
Виктор ЈануковичФотографија: REUTERS/Andriy Mosienko/Presidential Press Service

Претседателот Јанукович денеска телефонски разговарал со Барозо и од него побарал да прими украинска делегација на разговори околу некои аспекти од Договорот за асоцијација и слободна трговија. Барозо го прифатил барањето и изразил подготвеност да се разговара „за некои аспекти кои се однесуваат на досега иницираните договори“, но не и да се отвораат нови преговори.