1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавната администрација со голема апсорпциска моќ

Катерина Блажевска1 ноември 2013

Каде и како во Македонија ќе се распоредат нововработените 1.600 лица по социјален клуч? Колкава е навистина апсорпциската моќ на администрацијата и кон што се насочени критиките од ЕУ и експертите?

https://p.dw.com/p/1A9yl
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор призна дека не успеал да најде работни позиции за вработените кои се примени по принципот на правична и соодветна застапеност. Во изминатиов период континуирано најмалку по 500 „рамковно вработени“ земаат плати, а седат дома. За нивните плати годишно се трошат меѓу еден и два милиона евра буџетски пари.

Прашањето што се поставува е - ако тие се‘ уште немаат работни места, тогаш - каде ќе се распоредат новите 1.600 вработени по социјален клуч, но и другите категории за кои Владата најави вработување? Од Министерството за информатичко општество и администрација не добивме одговор на ова прашање, ниту за вкупниот број вработени кои примаат плата од буџетот.

Бавна административна процедура

Според Бујар Османи, портпарол на владејачката ДУИ, нововработените 1.600 лица полесно ќе бидат распоредени ако бидат вклучени во јавната администрација, бидејќи таа има поголем апсорпциски капацитет отколку државната.

„Треба да се прави разлика меѓу државна и јавна администрација. Ако во Министерството за здравство, на пример, има 200 вработени, во Фондот за здравство има неколку пати повеќе вработени, но и потреба од нови кадри. Затоа мислам дека нема проблем тие 1.600 лица брзо да се распоредат во јавната администрација. За разлика од јавната администрација - установи, фондови и агенции, во државната администрација - министерствата, таа потреба е помала и затоа таму и побавно се одвива процесот“.

Zensus in Mazedonien
Колку вработени навистина има во државната и јавната администрација?Фотографија: DW

Во тој контекст Османи го гледа и бавното распоредување на рамковните вработувања во државната администрација. Додека тие не добијат согласност од министерот за информатичко општество и администрација и од министерот за финансии, буџетски не можат да бидат префрлени во државните институции каде што се распоредени.

„Проблемот е исклучиво од административна причина. Долго трае постапката за сите што се примени според К-5 програмата на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Да не заборавиме, во почетокот околу 2.000 вработени седеа дома и земаа плата. Ако сега се околу 500, тоа значи дека процесот се одвива успешно, но бавно, единствено заради времетраењето на постапката. За жал некаде има и намерни опструкции. Под изговор дека се работи за административни проблеми, некои раководители на институции намерно ја одолговлекуваат постапката. Станува збор за лица кои не сакаат да се соочат со новата реалност, па на тој начин го искажуваат својот личен став против имплементацијата на Рамковниот договор. За среќа, тоа се инцидентни случаи, кои можат да го забават, но не и да го запрат процесот на распоредување на вработените според принципот на правична и соодветна застапеност“, вели Османи.

Социјалистички манири

Според податоците од буџетот за 2014 година, Секретаријатот ќе потроши 10,1 милиони евра или 621.424.000 денари за плати, односно 1,4 милиони евра повеќе од тековната 2013 година.

Принципот на вработување на припадниците на етничките заедници во неколку наврати го критикуваше и Европската комисија во Извештаите за напредокот на Македонија.

Symbolbild Bewerbung
Продолжува трендот на ангажирање вработени на квантитативна база, забележува ЕКФотографија: contrastwerkstatt - Fotolia.com

„Продолжува трендот на ангажирање вработени на квантитативна база, без да се земат предвид реалните потреби на институциите. Повеќето од оние што биле ангажирани не стигнале до институциите во кои се вработени, а веќе земаат плата од Секретаријатот. Процедурата за ангажирање административци од немнозинските заедници не е хармонизирана со процедурите за вработување и е под политичко влијание“, констатираше ЕК.

Вакви критики им се закануваат и на други вработувања по принципот на позитивна дискриминација, ако и тие добиваат само плата, но не и работно место. Според економски аналитичари, ваквиот тренд наликува на социјалистичко однесување во најлошата смисла на зборот – колективни расходи за лица без нивно вклучување во работниот процес, а со тоа и без одговорност. Засега нема одговор и на прашањето кога ќе се смени постапката на вработување - прво да се идентификуваат потребите, а потоа да се примаат нови кадри, а не обратно, како што се случува сега.

Според вицепремиерот Муса Џафери, во однос на рамковните вработувања, проблемот е во тоа што не е разработен модел како вработените веднаш да бидат распределени на работни места во институциите и во министерствата. „Се‘ уште е во сила моделот тие првин да бидат примени во Секретаријатот, а потоа чекаат да бидат распределени во институциите. Оваа ситуација можеби ќе се надмине со законите за администрација и за државни службеници, односно преку нив да се олесни целата процедура за вработените според правичната застапеност“, вели Џафери. Ваква најава имаше и пред пет години кога со Секретаријатот раководеше Абдулаќим Адеми, но до денес ништо не е сменето. Затоа е уште понеизвесно каде и колку брзо ќе распоредат и вработените по социјален клуч?

Неодржливи вработувања

Според Маријан Николов, претседател на Центарот за економски анализи, натпреварот која етничка заедница колку ќе вработи, ја губи смислата и суштината на професионална администација.

„Тоа потсетува на слика кога кучето си ја брка сопствената опашка. Вработувања кои не се реализирани според мерит систем - не се одржливи. Во тој контекст, дека не се одржливи, го гледам и собирот на раководителите од администрацијата со премиерот, каде што дискусиите се фокусираа на морал и етика. Според мене, главниот ризик е што никој не зборува за законите. Моралот е еден, а законите се многу. Владата си поставува премногу задачи. Работа на министрите е да водат политика, а со администрацијата треба да се занимава Агенцијата за администрација, која е задолжена да овозможи развој на стручна, професионална, ефикасна, отчетна, етична и сервисно-ориентирана државна и јавна служба“, вели Николов.

Symbolbild Aktenordner
Со администрацијата треба да се занимава Агенцијата за администрација, бара НиколовФотографија: Fotolia/Eisenhans

За апсурдноста на ситуацијата со вработените кои седат дома говори и искуството што го имал сопственик на мала фирма, а вели дека не е единствен:

„Дојде лице и ми побара работа на 'црно'. Бил од оние кои седат дома, а земаат плата. Вели, зошто џабе да седам дома? Јас категорично го одбив, бидејќи тоа не е законски, но не сум сигурен дека го одбиле и други, бидејќи пред извесно време ми рече дека нашол 'втора работа'. Па каде го има ова? Тој зема плата од администрација во кој не партиципира со труд, а учествува и во градењето на сива економија“, резигнирано коментира нашиот соговорник.
Во студија на Европскиот институт за јавна администрација се вели дека кај новите членки на ЕУ постојат големи разлики во големината на државните служби во однос на вкупно активното население. Повеќето нови членки на ЕУ имаат релативно мали централни државни служби: во Полска само 0,89 отсто се државни службеници, во Словачка 2,3 отсто, во Летонија 3,6 отсто, во Чешка 5,9. Во Словенија 17 проценти од активното население се државни службеници, а во Малта дури 22 отсто. Во Македонија вкупниот број на државна и јавна администрација спаѓа во категоријата „прашање од милион долари“. Неофицијално, се спомнува бројка од 118.000, но на сајтот на Министерството за информатичко општество и администрација има поинакви податоци: „Вкупниот број на јавни службеници во установи, фондови, агенции, јавни претпријатија и друго, во Македонија, на крајот на 2012 година, изнесува 6.583. Вкупниот број на државни службеници во извршната власт на крајот на 2012 година изнесува 11.285.

Во 2011 година вкупниот број на државни службеници изнесува во 14.821 извршната власт; самостојни државни органи и стручни служби во самостојните државни органи и локалната власт. Вкупниот број на јавни службеници во самостојните државни органи и стручните служби на крајот на 2011 година изнесува 2.771“.

Од Министерството не добивме одговор дали се навистина само толку или со префрлање во други графи и категории само административно е намален нивниот број.