1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц ја враќа СПД кон левичарските корени

Бенџамин Најт
21 февруари 2017

Кандидатот на СПД Мартин Шулц предложи повлекување на реформите на пазарот на трудот воведени од последниот канцелар на СПД, Герхард Шредер. Потегот „отвара поголем простор“ за коалиција помеѓу центарот и левицата.

https://p.dw.com/p/2XyL6
Deutschland SPD Gerhard Schröder & Martin Schulz 2014
Фотографија: Getty Images/A. Berry

Сите се среќни во препородениот лев центар на Германија. „Фактот што јас ја правам СПД среќна ме прави среќен и мене“, изјави Мартин Шулц, кандидатот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), коментирајќи го големиот раст на поддршката на СПД по објавувањето на неговата кандидатура.

Одеднаш популарниот Шулц, претходно претседател на Европскиот парламент, сега поставува нова и значително повеќе левичарска агенда која потенцијално може да повлече дел од реформите на пазарот на трудот воведени од канцеларот на СПД Герхард Шредер – колективно наречени „Агенда 2010“.

Во разговор за весникот Билд, Шулц сугерираше дека е подготвен да го продолжи периодот на исплаќање на осигурувањето во случај на невработеност над сегашните 12 месеци и да воведе нова „солидарна“ пензија со која ќе се осигура животниот стандард за секој кој плаќал придонеси во социјалниот систем во период од 35 години. Иако недостасуваат детали, министерот за труд на СПД, Андреа Налес се очекува да поднесе предлог за овие мерки во следните неколку недели.

Шулц исто така вети дека ќе го намали бројот на работните договори со ограничени часови, дека ќе ја прошири партиципацијата на работниците во компаниите и дека ќе обезбеди подобра заштита од прекинување на работниот однос за работниците кои организираат избори за работничките совети. Целта на мерките е да се покаже „почит за животните достигнувања на луѓето во нашата земја“, изјави Шулц за германската новинска агенција ДПА.

Агенда 2010

Сето ова би значело значителна корекција на Агендата 2010 која Шредер за прв пат ја најави во 2003 година како лидер на коалицијата помеѓу СПД и Зелените. Централно за агендата беше нивелирање на социјалниот систем, што значеше унифицирање на социјалните бенефиции и бенефициите во случај на невработеност и истовремено затегнување на правилата за право на работа што за фирмите го олесни процесот на отпуштање на луѓе.

Опозициските партии во тоа време, главно конзервативната Христијанско демократска унија (ЦДУ) и бизнис ориентираната Партија на слободни демократи (ФПД) ја поздравија Агендата 2010, а наследникот на Шредер, Ангела Меркел го пофали нарекувајќи ги истите „храбри и одлучни“ реформи.

Но, внатре во СПД имаше неочекувано незадоволство откако во 2007 година, Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) дојде до заклучок дека повеќе од половина од оние кои биле под влијание на овие мерки загубиле дел од приходите и дека пропорцијата на оние кои живеат од социјални бенефиции поради сиромаштија се зголемил од околу една половина на две третини.

Од друга страна, многу политичари стојат на ставот дека Агендата 2010 е причината за зголемениот раст на Германија во последните години. Една од целите на Шредер беше намалување на невработеноста и тоа беше остварено. Стапката на невработеност во 2005 година изнесуваше 11.7%, кога за прв пат беа воведени реформите, а денес таа изнесува 6.3%. Но, неколку студии покажуваат дека една од причините за ова е воведувањето на т.н. „мини-работи“ – работа за оние кои примаат бенефиции за невработеност кои изнесуваат максимум 450 евра месечно – што всушност значи дека е зголемен бројот на луѓето кои работат и кои се зависни од државата.

Bundeskanzler Gerhard Schröder
Герхард ШредерФотографија: picture-alliance/dpa

Зголемување на сиромаштијата и нееднаквоста

Без разлика дали причината е Агендата 2010, не постои сомнеж дека нееднаквоста во Германија се зголемува. Бројките на владините извештаи објавени во декември покажуваат дека 4,17 милиони Германци (6,1% од популацијата) живеат во долгови и дека платите во секторите со најниски примања не растеле подеднакво како и националниот просек. Бројот на бездомни лица во Германија во 2008 година изнесувал 223.000 лица, а во 2014 година изнесувал 335.000. Освен тоа, околу 5,6 проценти од популацијата живее во сиромаштија, додека бројот на милионери во земјата се зголемува -  од 12,424 во 2009 година на 16,495.

Опозициската Левица, која со години бара реформирање на Агендата 2010, на новите забелешки на Шулц реагираше со одобрување и скептицизам. Кандидатот за канцелар на социјалистичката партија Левица Сара Вагенкнехт изјави дека на повлекувањето на реформите се чека долго време, но се прашува зошто Шулц не сака да се обврзе на програмата пред изборите, имајќи предвид дека СПД, Зелените и Левицата во моментот имаат мнозинство во Бундестагот.

„Мартин Шулц не треба да игра лажна игра со желбите на голем дел од населението за повеќе социјално праведни политики“, изјави Вагенкнехт, повикувајќи го Шулц да ја исклучи можноста за коалицирање со ЦДУ по следните избори. „Искуството од последните неколку години е спротивно на идејата дека повеќе социјално праведни политики можат да бидат остварени преку друга голема коалиција“.

Лидерот на Левица, Катја Кипинг, во меѓувреме сугерираше дека изјавите на Шулц „го отвараат пошироко прозорот на можности“ за коалиција во левото крило на претстојните избори во септември – иако таа го предупреди Шулц да не очекува „бланко чек“ од Левицата.

Конфедерецијата на германските синдикати (ДГБ) ги поздрави коментарите на Шулц: „Тоа е вистински пристап да се продолжи периодот за добивање бенефиции за невработеност“, изјави членот на управувачкиот одбор Анели Бунтенбах за ДВ. „Луѓето над 55 години особено мораат да бидат заштитени. Тие едвај имаат шанса (да најдат повторно вработување). За многумина тоа доведува до тоа придонесите кои ги уплаќале целиот свој живот да бидат девалвирани во периодот помеѓу крајот на работниот век и почетокот на пензијата“.