Што ќе зборува Обама во инаугуративниот говор?
21 јануари 2013Откако Обама го мина првиот мандат во битка со најлошата економска криза во последниве децении и во вербална војна со политичките противници – републиканците, за вториот мандат недостига историското и надежно ветување кое го даваше во 2009-та година. Тој вчера го повика својот народ дека овие денови треба да ја слави својата извонредна нација, но потсети и дека потоа мора и да се почне со работа.
„Откако ќе прославиме, треба да осигураме дека ќе работиме колку што можеме посилно за Америка, која е вредна не само поради своето минато, туку и поради својата иднина“, рече Обама.
Еден од советниците на американскиот претседател, Дејвид Плуфи, рече дека Обама денеска во инаугуративниот говор ќе ги повика Американците да се сетат повеќе на она што ги обединува, отколку на политичките поделби.
„Тој ќе зборува за нашите базични принципи и принципите кои се’ уште можат да не водат во денешниот модерен и предизвикувачки свет. Тој ќе рече дека нашиот политички систем не бара од нас да ги решиме сите наши разлики или спорови, но дека апсолутен императив е нашите лидери да се обидат и да најдат заедничка основа“, рече советникот на Обама.
Во Вашингтон денеска се одржува свечената инаугурација на Барак Обама, во неговиот втор мандат како претседател на САД. Свеченоста во околу 11 часот според источно американско време ќе ја отвораат бендот на маринците и познатиот хор на Бруклинската табернакл црква, а во текот на свеченоста ќе настапат и пејачите Кели Кларксон и Џејмс Тејлор. Сенаторот Чак Шумер, како претседавач со комитетот за инаугурација ќе ги покани претседателот Обама во Капитол, по што новинарката Мурли Еверс Вилијамс, сопруга на убиениот борец за правата на Афроамериканците Медгар Еверс, ќе се помоли за успех на вториот мандат на претседателот Обама. Предвидено е потоа да следуваат свечените заклетви на потпретседателот
Бајден, а потоа и на претседателот Обама. Тој заклетвата ќе ја даде пред претседателот на Врховниот суд Џон Робертс, држејќи ја десната рака врз две Библии, едната врз која бил инаугуриран претседателот Абрахам Линколн, а другата која во сопственост на убиениот борец за човекови права Мартин Лутер Кинг.
Свеченоста пред Капитолот завршува со изведбата на американската химна од страна на пејачката Бијонсе, по што ќе започне парадата по должината на авенијата
Пенсилванија, од Капитолот до Белата куќа. Во попладневните часови ќе се одржат трите големи инаугурациски балови во конвенцискиот центар во Вашингтон.