1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад атентатите во Алжир?

12 април 2007

Призвраници на Ал Каеда, стари сметки меѓу владата и исламистите, социјално незадоволство – или можеби комбинација од сите фактори? Петер Филип бара одговор на овие прашања во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ads2
Главата на Ал Каеда и симбол на исламскиот тероризам: Осама бин Ладен
Главата на Ал Каеда и симбол на исламскиот тероризам: Осама бин ЛаденФотографија: AP

Од нападите врз САД од 11 септември 2001-та стана некако обичај сите терористички напади да се ставаат на сметката на Ал Каеда на Осама бин Ладен. Најчесто за да се осудат терористите, а исто така и за да се покаже сопствената немоќ во однос на меѓународната терористичка организација.

Во меѓувреме, меѓутоа, и сторителите се навикнаа да го користат името на Ал Каеда како еден вид фирма, како еден вид меѓународно терористичко претпријатие со исто име. При тоа терористичката мрежа на Осама бин Ладен се претвори во децентрализиран систем од организации.

Од почетокот на годинава на “семејството“ му се приклучија и исламските групи од земјите на Магреб. Централна улога при тоа игра алжирската “Салафистичка група за молитва и борба“ , која има симпатизери и во Мароко, Мавританија и Тунис. Сите заедно сега се викаат “Ал Каеда организација за исламски Магреб“. Тие им објавија војна на постојните режими, најавувајќи нивно соборување и сменување со исламски ориентиран општествен поредок.

Оваа цел при тоа не е нова, уште од 90-тите години разни исламистички групи се обидуваа да ја соборат алжирската влада. Тоа се заостри по победата на исламистичките сили во Алжир на изборите во 1992-та, по што владата ги поништи изборните резултати. Јадрото на исламистите тогаш се спои со т.н. Авганистанци, доброволци од Алжир кои се бореа против советската окупација во Авганистан.

Но, поврзаноста со Авганистан и со Ал Каеда не претставува подлабока причина за борбата на исламистите. Тие имаат локални цели, што се поврзани згора уште и со лошата економска и социјална положба на младите, со репресивниот режим на Алжир и со растечкото приближување на тамошната влада со неверниците – во превод со САД, но и со поранешната колонијална сила Франција.

Алижирскиот претседател Абдел Азиз Бутефлика се обиде да го надмине ваквиот ѓаволски круг, што земјата ја водеше во граѓанска војна. Тој им понуди амнестија на исламистите, но од неа ги исклучи ноторните насилници. Тоа беше доволно силафистите да го одбијат предлогот. Сега тие располагаат со обучени герилци од неколку стотици лица. Нивна намера е да ја прошират битката против владата на Алжир и да ја прошират уште на соседните земји.

При тоа би било погрешно по вчерашните атентати во Алжир да се заклучи дека пропаднал процесот на насионално помирување. Големо мнозинство Алжирци си посакува мирен живот, околу 200-те илјади жртви од граѓанската војна им се доста. Луѓето сакаат мир, слобода и каква таква благосостојба. Но, бидејќи тоа не се случува, останува плодната почва за радикални идеологии – како во Алжир, така и во другите земји од Магреб. А нивниот гнев ќе се насочи не само кон алжирските властодршци, туку и кон нивните пријатели и поддржувачи од другата страна на Средоземното море и на Атлантскиот океан.