1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

IAEA Stichwort

26 мај 2009

Советот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија денеска (26.05.2009) дебатира околу наследникот на досегашниот шеф на агенцијата, Мохамед Ел Барадеј. Кои се надлежностите на ИАЕА?

https://p.dw.com/p/HxVv
Седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија во ВиенаФотографија: AP

Меѓународната агенција за атомска енергија - ИАЕА е формирана во 1957 година, на иницијатива на САД. Причина - загриженоста во светот поради се‘ поголемото ширење на атомското оружје. Агенцијата има седиште во Виена и во нејзе се вработени околу 2.200 луѓе од над 90 земји во светот. Таа е автономна научно-техничка организација, која има посебен статус во системот на ОН.

Агенцијата треба да дава поттик за мирнодопско користење на атомската енергија и примена на радиоактивни супстанци во мирновременски цели, како и да ја поттикнува меѓународната соработка и истовремено, преку мерки на надзор, т.н. „сејфгардс“, да спречи користење на оваа технологија во воени цели, како на пример ширење на нуклеарно оружје. Освен тоа, ИАЕА го контролира и спроведувањето на Договорот за неширење на нуклеарно вооружување, кој стапи на сила во 1970 година и кој треба да дава поттик пред се‘ за мирновременско користење на атомската енергија.

IAEA Logo mit EU Logo
Логото на ИАЕАФотографија: DW Montage

Меѓународните атомски власти, конкретно, спроведуваат програми за подобрување на безбедноста на атомските постројки и подготвуваат форум за договарање на меѓународни стандарди во оваа сфера. Агенцијата внимава на физичката заштита на нуклеарниот материјал за тој да не биде злоупотребуван, односно за, на пример, да се спречи шверц со вакви материи. ИАЕА ја контролира и употребата на нуклеарниот материјал и остатоците од него во нукеларните постројки во рамки на „сејфгардс“ - договорот кој го имаат склучено државите што членуваат во Агенцијата. На тој начин, треба да се осигура дека постројките во коишто се врши контрола служат исклучиво само за добивање нукеларна енергија во мирновременски цели.

Нобелова награда за мир

Меѓународните атомски власти во Виена редовно го известуваат Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност, доколку се утврди закана за меѓународната безбедност. Телото за донесување одлуки на Агенцијата е 35-члениот Совет на гувернери, кој заседава пет пати годишно. Генералното собрание, на кое можат да учествуваат сите 144 држави членки, заседава еднаш годишно.

IAEA Direktor Mohamed El Baradei
Кој ќе го наследи Мохамед Ел Барадеј?Фотографија: picture-alliance/dpa

Во последно време, ИАЕА предизвика внимание во светот пред се‘ со мисиите во Ирак, пред почетокот на војната во 2003 година, како и со својата работа во Северна Кореја и во Иран. За нејзиниот ангажман, Меѓународната агенција за атомска енергија заедно со нејзиниот генерален директор, Мохамед Ел Барадеј, во 2005 година ја доби Нобеловата награда за мир.


Автор: Сонила Санд / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска