Што носи арапската пролет?
9 април 2011Револуциите во Тунис и Египет во Германија речиси се веќе заборавени. Сликите од Тунис и од плоштадот Тахрир во Каиро со недели доминираа во телевизиските информативни емисии и дискусии. Но, од падот на Бен Али и Хосни Мубарак поминаа веќе неколку недели, револуцијата се прели во соседна Либија и предизвика крвава граѓанска војна. Јорданскиот експерт по политички науки Моуин Рабани предупредува:
„Потпoлно го разбирам повикот на безнадежните либиски бунтовници за интервенција на Европа. Но, сметам дека тоа најпосле ќе предизвика поголема штета отколку корист. Не треба да се размислува само за краткорочните последици, туку и за долгорочните последици од овој напад. Стравувам дека тоа ќе резултира со долгорочна опсада на Либија, што ќе има несогледиви последици.“
Потребна е поинаква помош
Според Рабани, на либиските бунтовници може да им се помогне и поинаку. На пример со вооружување против Гадафи. Алжирската новинарка и писателка Ганија Муфок е исто така против западната воена интервенција и од Западот очекува поинаква помош за демократското движење во Северна Африка. Таа посакува да се сослушаат желбите, надежите и барањата на луѓето, а нивниот револт да не се гледа како закана за Европа.
„За време на масовното народно движење, во Франција постојано се поставуваа прашањата: Дали ќе биде загрозена нашата стабилност? Дали исламистите ќе станат посилни? Дали ќе претставуваат закана за Израел? Дали ќе имаме доволно нафта? Ќе има ли бран од имигранти? Овој едностран начин на размислување кај нас предизвикува омраза. Зарем мислите дека моите деца и внуци постојат само за да можат да живеат во стабилност на Западот?“, вели Рабани.
Во Европа и САД сериозно се дискутира за тоа, дали народите од Блискиот Исток се способни за демократија. Тоа потсетува на колонијалното време, кога белите освојувачи дебатирале дали воопшто црнците во Африка се луѓе.
Исти правила за арапските владетели и за Израел
Слично мислење има и Мјуриел Асебург од Фондацијата наука и политика во Берлин.
„Нашите досегашни напори, заостануваат многу зад она што навистина треба да се стори во регионот, ако се земат предвид нашите вредности и претстави. Треба енергично да се искористат шансите и да се преземаат ризици, наместо да се плашиме и во прв план да ги ставаме негативните случувања и потенцијалните закани за нас.“
Во поглед на израелско-палестинскиот конфликт Мјуриел Асенбург додава дека Западот мора да стане поверодостоен на Блискиот Исток. Имено, истите барања што важат за арапските владетели, да важат и за Израел.
Автор: Бетина Маркс / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Симе Недевски