1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи Европа со повеќе брзини?

Мартин Дејвид
5 јуни 2017

Членките на ЕУ од централна и источна Европа се свесни дека т.н. „Европа со повеќе брзини“ ќе придонесе да станат членки од втор ред. Но, пофлексибилна Европа можно е да биде ветрот во грб кој отсекогаш ѝ бил потребен.

https://p.dw.com/p/2a60H
Deutschland Pulse of Europe-Proteste in Berlin
Deutschland Pulse of Europe-Proteste in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Самитот на лидерите на ЕУ по повод 60-годишнината од Римските договори беше повеќе од прослава на мирот и единството. Тој требаше да биде патоказ за следните чекори на блокот по Брегзит.

Изминатиот период е актуелен предлогот за Европа во „повеќе брзини“. Според оваа нова и полабава рамка, земјите-членки на ЕУ ќе можат да соработуваат на различни иницијативи доколку така одлучат - истовремено, на оние земји кои не сакаат да учествуваат во новите проекти, ќе им биде дозволено да го сторат тоа. Теоретски, ова значи дека ниту една земја нема да биде принудувана да се обврзе на некој договор доколку смета дека е теоретски или идеолошки неприменлив.

Идејата за Европа во „повеќе брзини“ не е нова: заедничката валута и Шенген договорот може да се сметаат како дел од таков пристап. Овојпат, идејата се појави во контекст на неодамнешните блокади на политичките процеси во Брисел во областа на одбраната и миграцијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел беше меѓу првите лидери која го актуелизираше прашањето за иднината на ЕУ во „повеќе брзини“ на самитот во Валета во февруари, по што брзо ја доби поддршката од другите основачки членки на блокот. Забрзана интеграција за одредени членки е подобра варијанта отколку статус кво за сите.

Прекршени ветувањата за истокот?

Сепак, можната патека за иднината на ЕУ загрижи дел од источните и централно европските нации дека тоа може да ја намали улогата на европските институции и да предизвика доминација на поголемите земји.

Јарослав Качински, претседател на владејачката партија во Полска - Партијата на правото и правдата - која во моментот е ставена во улога на проблематично дете во ЕУ - го отфрли предлогот и предупреди дека тоа може да ја распарчи ЕУ. Различни извори сугерираат дека Полска може да се обиде да стави вето на предлогот.

Polen Jaroslaw Kaczynski in Warschau
Јарослав КачинскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

„Качински сугерира дека во Европа владее германска хегемонија и дека Меркел притиска да се донесат одлуки кои се добри за Германија и никој друг“, смета Јакуб Вишниевски, заменик претседател на Глобсек, тинк-тенк од Полска и поранешен амбасадор на земјата во ОЕЦД. „Кога ќе погледнете низ тој објектив, секоја понатамошна интеграција ќе го засилува овој тренд... кога на другите земји од европската периферија ќе им бидат скратени правата и она што им следува, како што се на пример парите кои доаѓаат од Брисел преку структурните фондови“.

Во меѓувреме, најновите членки на ЕУ – Бугарија, Романија и Хрватска – изразија загриженост дека институциите на ЕУ кои им даваат политичка поддршка можат да бидат истиснати. Сите три земји направија извонредни напори во нивната транзиција кон демократија и европските вредности. Сепак, доколку западните европски економии сами го одбираат нивниот интеграциски пат, земјите од источна и централна Европа се плашат дека можат да се најдат во вториот ред на политичките процеси во ЕУ.

Italien EU Gipfel deutsche Kanzlerin Angela Merkel
Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/AP Photo/A.Tarantino

Кои се придобивките за регионот?

Сепак, кој било протест на членките од централна и источна Европа против концептот на две брзини би бил на штета на регионот.

Прво, поголемата флексибилност единствено би го зацврстила повеќе практичниот пристап кон интеграција во ЕУ.

„Австрија и Полска веќе имаат прагматичен став кон ЕУ“, вели за ДВ Дина Пардијс, програмски координатор на Европскиот совет за надворешни работи и ко-автор на извештајот „Како ЕУ може да се свитка без да се скрши“. 

„Тие ги прифаќаат деловите кои функционираат во нивна полза и ги отфрлаат оние кои не функционираат. Повеќе флексибилна соработка, дури и доколку ги ослабне структурите на ЕУ нема да биде лоша за нив“.

Второ, иако пристапот со повеќе брзини може да придонесе да се појават нови нивоа на соработка, истите веројатно ќе бидат воспоставени во рамките на постоечките договори на ЕУ наместо преку формирање на нови структури.

„Државите се многу внимателни да не даваат многу проблематични предлози“, вели Пардијс. „Така што, тие би биле премногу внимателни и веројатно би направиле мал чекор за да се оствари целта за изнаоѓање на решение за блокадата (н.з. на политичките процеси во Брисел)“.

Веројатно најпозитивен однос во врска со ваквиот предлог ќе има регионот на земји кандидатки за ЕУ. Според Вишниевски, секое менување на единствениот пазар или слободата на движење помеѓу земјите членки од периферијата, драматично би го намалил прагот за членство во Унијата. Исто така, тоа би имало помалку негативно влијание на секоја нова држава.

Интеграцијата внатре во ЕУ се наоѓа на крстопат. Ако се реализира рамката за повеќе брзини, западноевропските држави веројатно ќе започнат свој забрзан пат за интеграција, додека централно и источноевропските земји ќе усогласат кога ним им одговара да ги туркаат своите иницијативи.

Крајот на подлабока интеграција може да се покаже дека е само поттик за потребната интеграција на ЕУ.