1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што знаеме за Омикрон, новиот корона-сој од Африка

Александер Фројнд
30 ноември 2021

Каде Омикрон се има веќе појавено, што го прави толку опасен, како можел да настане и како би можело да се спречи негово ширење? Еве неколку одговори на овие прашања.

https://p.dw.com/p/43dZI
Neue COVID-19-Variante Omicron
Фотографија: Pavlo Gonchar/Zumapress/picture alliance

Каде веќе е потврдена новата варијанта на САРС-Ков-2?

Сојот Б.1.1.529 првпат беше регистриран на 11 ноември 2021 во Боцвана, северно од Јужноафриканската Република (ЈАР). Во меѓувреме неговото присуство е потврдено и во ЈАР, особено во регионот Гаутенг, околу Јоханесбург и Преторија, каде инциденцијата сега е 1200.

Б.1.1.529 би можел да се крие зад 90 проценти од новите случаи во Гаутенг, сметаат научниците, а можно е да се проширил и во осум други провинции во ЈАР.

И другите потврдени случаи во светот се во директна врска со јужниот дел од Африка, поради што многу земји веќе консеквентно ги ограничуваат летовите од и до Јужноафриканската Република. Во Хонгконг сојот беше потврден кај патник од ЈАР.

Еден потврден случај има и во Израел, двајца осомничени чекаат на резултатите. Инфицираниот во земјата допатувал од Малави. Сите три лица биле вакцинирани.

Повеќе: Омикрон носи страв од глад во Јужноафриканската Република

Колку е опасен новиот сој?

Научниците се загрижени поради „екстремно големиот број мутации”, односно 32 во спајк-протеинот. За споредба, многу заразната Делта-варијанта има само осум мутации.

Самиот број на мутации не зборува ништо за опасноста на варијантата, но поради нивниот голем број имунолошкиот систем потешко може да се справи со нив, односно сојот полесно го заобиколува имунолошкиот одговор. Со новиот сој лицата не заболуваат потешко, но вирусот побрзо се шири и на тој начин го преоптоварува здравствениот систем. Со заобиколувањето на имунолошкиот систем и вакцините побрзо го губат своето дејство.

Covid Labor l Universität in Manila, Untersuchung am Mikroskop
Фотографија: Jam Sta Rosa/AFP

Како реагира СЗО?

Несигурноста е голема. Досега нема релевантни епидемиолошки податоци за тоа колку е фактички заразна новата варијанта. 

СЗО го категоризираше Б.1.1.529 како „загрижувачки”. Здравствениот орган на ЕУ исто така го оцени Омикрон како „загрижувачки“. Оваа класификација е сигнал дека варијантата е позаразна или дека води до потежок тек на болеста.

Повеќе: Загриженост во Европа – колку сегашните вакцини се моќни против Омикрон?

Како е настанат новиот сој?

Се чини дека големиот број мутации во сојот Омикрон се акумулирале во еден единствен потег, што според професорот Франсоа Балу, директор на Институтот за генетика УЦЛ, укажува на тоа дека сојот е настанат за време на хронична инфекција кај лице со заслабнат имунолошки систем, можеби нетретиран пациент кој имал сида или е заразен со ХИВ.

Повеќе: Филипче: Нема нови рестриктивни мерки и по заканата од омикрон

Дали постои врска со бета варијантата од јужна Африка?

Од цела Африка, јужниот дел е најсилно погоден од корона. Таму досега имаше речиси 3 милиони заразени и 90 илјади починати лица.

За големиот број заразени прво беше виновна варијантата Ц.1.2., која СЗО ја означи како „загрижувачка” бидејќи е многу заразна и вакцините имаат послабо дејство против неа.

Но, со текот на времето и во јужна Африка, како и насекаде во светот, се наметна многу поагресивната Делта-варијанта и таа во најголем случај ја потисна Бет- варијантата. 

Германските болници се полнат - исцрпувачка битка против Ковид-19

Како може да се сузбие новиот сој?

Соевите не знаат за граници, но ширењето може да се контролира. Регистрираните случаи во Хонгконг и Израел се директно поврзани со Јужноафриканската Република, па така многу земји прво го ограничија воздушниот сообраќај до и од ЈАР. Тоа веќе сега важи за повеќето европски земји и неколку држави од Азија. Други несомнено ќе го следат нивниот пример.

Ваквата директна мерка секако може да го забави ширењето на новиот сој. Со оглед на тоа дека првите случаи во Боцвана беа забележани кон средината на ноември, може да се заклучи оти сојот веројатно е веќе пренесен во други делови од светот.