1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што да очекува Македонија на патот на евроинтеграциите?

18 март 2010

Работата на европската агенда во Македонија не е бесмислена, сметаат пратениците од власта и дел од експертите. За разлика од нив опозицијата критикува - грчкото вето ја прави работата на ова поле бесмислена.

https://p.dw.com/p/MW4k
EU Mazedonien

Претседавачот на Националниот Совет за евроинтреграции, Силвана Бонева ја отвори седницата на ова тело задолжено да го турка македонскиот евроинтегративен процес. Но, дали грчкото вето и отсуството на решение на повидок ја заматува европската перспектива на Македонија? Дојче веле ги праша членовите на Советот, пратеници и експерти станува ли работата на европската агенда бесмислена и која е целта што Македонија треба да ја постигне во 2010 во однос на ова прашање?

Опозицијата гледа многу песимистички на работите

Земјата е во ќорскокак и ќе се соочи со политичка криза бидејќи приближувањето до Унијата е блокирано. Пратеникот од ЛДП Анрдеј Жерновски ја критикува работата на советот за евроинтеграции. „Ова тело и служи на Владата како алиби, датумите минуваат, ништо не се случува, за жал ништо добро не и се пишува на Македонија во правец на евроинтеграциите.“

Wahlen Mazedonien Premierminister Vlado Buckovski
Владо БучковскиФотографија: AP

На Македонија и се заканува евроскептицизам предупредува пратеникот на СДСМ Владо Бучковски. „Станува јасно дека Македонија тоне во проблемот што го имаме со името и може многу лесно да потоне ентузијазмот и кај пратениците и кај граѓаните. Ние се’ уште не сме се соочиле со евроскептицизмот како сериозен проблем.“

Власта не се согласува со констатациите на опозицинерите

Важно е Македонија да ги постигне европските стандарди заради граѓаните, формалното членство не зависи само од нас, велат пратениците од владејачкото мнозинство. Лиле Поповска од ДОМ и Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ велат. „Не би рекла дека е ќорскокак, едноставно процесот е забавен но неможе да се сопре.“ - „Наша задача е да ги сработиме сите закони прво заради подобар живот на граѓаните.“

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Дека работата на законите од европската агенда и седниците на Советот за евроинтеграции не се бесмислени смета и универзитетскиот професор Димитар Мирчев. „Ние имаме уште реформи кои не сме ги завршиле, најмалку 100 значајни закони кои треба да се усвојуваат или прилагодуваат.“

Македонија се надева дека ако не успее да добие датум во текот на шпанското претседателство напредок ќе има во втората половина на годината кога со Унијата ќе претседава Белгија. Но, настаните на домашната политичка сцена и впечатоците на меѓународните претставници навестуваат дека и 2010 година многу лесно може да стане изборна.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска