1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер денеска разговара со Буш

27 јуни 2005

Пријателски разговори околу реформа на ОН – тоа е намерата на германскиот канцелар Герхард Шредер пред разговорите со американскиот претседател Џорџ Буш, денеска во Вашингтон. Шредер веќе пристигна во САД, а за време на летот дотаму, за новинарите изјави дека ќе побара побрза реформа на светската организација.

https://p.dw.com/p/AcER
Фотографија: AP

“Ќе разговараме околу прашањето колку бргу треба да тече реформскиот процес. Дебатата околку реформи трае веќе 15 години и конечно мора да биде завршена – најдобро би било пред Генералното собрание на ОН во септември. Мој впечаток е дека постојат различни ставови, но не ми е познато дека има став против Германија“, изјави канцеларот Герхард Шредер.

Германија се залага за проширување на Советот за безбедност, со тоа што во него би добила постојано место.

“Не може од нас постојано да се бара повеќе одговорност, а да ни се ограничуваат можностите за носење решенија. “

За време на посетата на Вашингтон, за која дел од овдешните медиуми веќе гласно прашаа – дали ќе биде и последната на канцеларот, кој за неколку дена во парламентот ќе го постави прашањето за доверба за неговиот кабинет, Шредер и Буш ќе разговараат и за развојот на ситуацијата во Европа, подготовката на самитот на Групата осум во Шкотска и исходот од изборите во Иран.

“Мора да се почитува решението на иранскиот народ. Но, ако имало манипулации, тие треба да се расветлат. Од друга страна, добро е што новоизбраниот претседател рече дека сака и натаму преговори со Европејците, кои имаат согласнст со Американците, околу исклучиво мирнодопското користење атомска енергија. “

Шредер најави дека Германија, Франција и Велика Британија на почетокот на август на Иран ќе му дадат офанзивна понуда околу решавањето на спорот со атомската програма на таа земја.