1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер бара предвремени избори

23 мај 2005

Покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија донесоа тежок пораз за владеачката социјалдемократска партија. Канцеларот Герхард Шредер по објавувањето на резултатите се реши да мине во политичка офанзива и најави одржување предвремени избори.

https://p.dw.com/p/AcFN
Фотографија: AP

На неочекуваната одлука, што одекна како бомба во политички Берлин, и претходеа консултации на Шредер со вице канцеларот Јошка Фишер и шефот на СПД, Франц Минтеферинг, кој потоа објави:

„Канцеларот и јас сакаме да им предложиме на раководните органи на партијата да се заложиме за одржување предвремени избори уште на есен!„ – одекна како бомба во политички Берлин најавата на претседателот на владеачката социјалдемократска партија на Германија, Франц Минтеферинг.

По првичната најава на шефот на партијата, канцеларот потврди:

„Со горчливиот пораз за мојата партија во Северна Рајна Вестфалија сметам дека е ставена под знак прашање политичката подлога за нашата работа. За продолжување на, според мене, неопходните реформски зафати неодложно е потребна јасна поддршка од мнозинството германски граѓани. Затоа сметам дека е моја должност да работам на тоа Претседателот на државата да свика предвремени избори што е можно побрзо, реалистично би било на есен.„

Портпаролот на сојузната влада Бела Анда вчера појасни дека Герхард Шредер ја донел одлуката сам и тоа веќе во неделата попладне. Разговорот со Минтеферинг и со Фишер дошол подоцна.

Ваквиот решителен настап на канцеларот збуни голем дел од неговите сопартијци, а и помалиот коалиционен партнер Зелените очигледно беа дочекани неподготвени на ваков пресврт. Копретседателот Рајнхард Битикофер дипломатски го одбегна прашањето на новинарите дали знаел дека шефот на владата планира таков потег, а неговата колешка на партискиот врв, Клаудија Рот изјави:

„Дека има вакви размислувања кај коалициониот партнер, тоа ми е познато. Ние не се плашиме од нови избори и ќе се бориме за реформската политика на сојузно ниво.„

Прибраност се обиде да манифестира и лидерот на опозицијата, Ангела Меркел:

„Ако тие го сметаат ова за исправно, тогаш можам само да кажам дека е добро за нашата земја и можете да бидете сосема сигурни дека ние потполно ќе се ангажираме и ќе водиме жустра изборна кампања, за која во најкус рок ќе бидеме подготвени.„

Еден од нејзините најлути внатре партиски соперници, премиерот на покраинската влада за Хесен, Роланд Кох, веднаш порача дека кандидатот на опозиционите партии на Унијата ќе се знае уште в понеделник. Со тоа е соогласен и премиерот на Баварија, Едмунд Штојбер, кој се очекува да се откаже од канцеларската кандидатура во полза на Меркел. И тој манифестираше борбен дух по најавата за предвремени избори:

„Јас многу го поздравувам овој чекор. Ако раководните партиски тела така решат, тогаш црвено-зелената влада ќе биде сменета побрзо отколку што се надевавме. А секој ден помалку на кој тие решаваат за политичките насоки, тоа е подобар ден за Германија.„

Конечно и опозиционите Либерали ја поздравија одлуката на канцеларот:

„Ние веќе пред неколку месеци рековме дека ако падне последната црвено-зелена коалиција на покраинско ниво во Северна Рајна Вестфалија, дека тогаш ќе имаме добри шанси за предвремени избори. Ние не само што ги прифаќаме, туку многу им се радуваме. Германија може да се радува, бидејќи најдобра програма за создавање повеќе работни места е смената на црвено-зелената влада!„ – порача победнички шефот на Либералите Гидо Вестревеле.