Шпинделегер бара почеток на преговори за Македонија
18 октомври 2013Австрија ќе се заложи за што побрзо почнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, изјави австрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер.
Коментирајќи ги извештаите за напредокот на кандидатите и аспирантите за членство во ЕУ, Шпинделегер вчера на прес-конференција во Виена рече дека Австрија ќе го следи тоа што по петти пат го препорача Европската комисија - да бидат отворени пристапните преговори со Македонија. Тој оцени дека е во интерес на Виена, но и на Брисел, ЕУ да се прошири кон Западен Балкан.
„Сега е времето да ги преземеме потребните мерки за да се обезбеди сигурност, стабилност и економски раст во нашето непосредно соседство во иднина“, изјави шефот на австриската дипломатија. Западниот Балкан, според него, е регион во просперитет, а од неговата политичка стабилизација и економски развој ќе профитира и австриската и европската економија.
Покрај поддршката за старт на преговорите со Македонија, Шпинделегер се заложи за отворање на пристапниот дијалог и со Србија, за склучување Спогодба за стабилизација и асоцијација со Косово и за доделување кандидатски статус на Албанија. Разочарување од состојбата искажа само за Босна и Херцеговина, порачувајќи им на босанските власти дека ако сакаат во ЕУ ќе мора да ги спроведат неопходните реформи, бидејќи отстапки ќе нема.