Шпанците си го продаваат златото за да преживеат
5 март 2012Пуерта дел Сол е главниот плоштад и географската средина на шпанската престолнина Мадрид. Токму тука, од неодамна владее своевидна „златна треска“.
Десетина мажи во лов на муштерии. На минувачите им довикуваат: „Купуваме злато!“. На мета се оние Шпанци кои се принудени да го продаваат вредниот накит или наследството. На луѓето им е потребна готовина.
„Често се случуваат и трагични сцени. Луѓето, на пример, продаваат златни ѓердани кои биле во семејна сопственост повеќе генерации, наследени од предците... Но на луѓето итно им се потребни пари за да платат станарина, да отплатат кредит или едноставно за да преживеат“, вели Антонио Флорес, еден од многутемина кои вршат откуп на злато.
Пуерто дел Сол е всушност магнет за туристи, со многу продавници за сувенири. Но во меѓувреме кризата му дава печат на плоштадот. Постојано никнуваат нови златарници, доаѓаат трговци со накит.
Во излозите може да се забележи сето она што Шпанците го претвориле во готовина, под притисок на бројните давачки.
Трговците ветуваат и до 28 евра за грам злато. За нив е тоа одличен бизнис затоа што цената на златото на меѓународниот пазар е далеку повисока.
Без избор
Многу Шпанци немаат избор, мораат да се откажат од својот накит. Не можат да ги отплаќаат долговите. Бројот на ненаплатени кредити во земјата расте од ден на ден.
Мажите со жолти елеци и самите се жртви на кризата. Многумина порано биле вработени во градежниот сектор. Шансите повторно да добијат работа се еднакви на нула.
„Не можам да седам дома. Имам три деца. Во моментов никаде нема работа. Пробав се’ и ова е единствената работа која можам да ја добијам“, вели Антонио Флорес.
Пуерто дел Сол во превод значи „Врата кон сонцето“. Но на ова мало место во центарот на шпанската престолнина се надвија темни облаци...
Автор: Михаел Алтенхене/Б. Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска
Прилогот е достапен и во видео форма како „Видео на денот“