1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Швабите“ одат натаму во Лигата на шампионите

10 декември 2009

Штутгарт е вториот германски претставник по Бајерн Минхен што се пласира во осминафиналето на Лигата на шампионите. „Швабите“ во одлучувачкиот натпревар суверено го совладаа романскиот тим Униреа Уржичени so 3:1.

https://p.dw.com/p/Kygu
Конечно успех за фудбалерите на ШтудгартФотографија: AP

Штутгарт ја искористи последната шанса и со убедлива победа против Униреа се избори за место во нокаут рундата во Лигата на шампионите. Романскиот шампион беше совладан со 3:1 во натпревар во кој Штутгарт само со победа можеше да обезбеди пласман во натамошните натпреварувања. По големите турбуленции во клубот минатата недела и отказот за тренерот Маркус Бабел поради катастрофалните настапи на Штутгарт во Бундеслигата , под водство на новиот тренер, Швајцарецот Кристијан Грос, „Швабите“ имаа фуриозен старт. Киприан Марица со глава во петтата, Кристијан Треш во осмата и Павел Погребњак во 11 минута го доведа Штутгарт во водство од 3:0.

Барселона и Интер во осминафиналето

Тимот на Грос имаше само куса слаба фаза во натпреварот, кога на почетокот на второто полувреме Романците успеаја да намалат на 3:1. Севкупно, Штутгарт доминираше на натпреварот и оствари заслужена победа на задоволство на новиот тренер Кристијан Грос:

„Беше потребен настап со голема концентрација. Особено ми се допадна, нормално, почетната фаза. Првите 20 минути беа добри, а потоа имавме премногу лесно загубени топки, а на моменти игравме и премногу хектично.“

Champions League VFB Stuttgart FC Unirea Urziceni
Фантастичен почеток за новиот тренер на Штутгарт, Кристијан ГросФотографија: AP

Целта е остварена, Штутгарт се пласираше во осминафиналето како второпласиран во групата Г, зад Севиља која вчера го потврди првото место со победата над Глазгов Ренџерс со 1:0.

Пласман меѓу најдобрите 16 екипи во Лигата на шампионите обезбедија и големите фаворити во групата Ф, Барселона и Интер. Актуелниот европски шампион славеше нагости против Динамо Киев со 2:1 додека, пак, Интер го совлада во Милано, рускиот шампион Рубин Казан со 2:0.

Олимпијакос избори пласман меѓу најдобрите 16

Во групата Х , веќе пласираниот Арсенал настапи со тим на тинејџери против Олимпијакос во Атина и загуби со 1:0, што им овозможи на Грците пласман во осминафиналето.

Во вториот натпревар во групата, Стандард Лиеж и АЗ Ајкмар одиграа нерешено 1:1.

Во последните два натпревара без натпреварувачко значење во групата Е, во која Фиорентина и Лион од порано се пласираа во нокаут завршницата, Ливерпул загуби на домашен терен од „виолетовите“ од Фиренца со 2:1. Англичаните, меѓутоа, во минатото коло веќе обезбедија пласман во Европа-лигата. Лион, пак, славеше убедлива победа против унгарската екипа Дебрецин со 4:0.

Ждрепката за осминафиналните дуели во Лигата на шампионите ќе се одржи на 18 декември.

Автор: Кале Копс/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска