1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шахин во Реал Мадрид, Санкт Паули во втора лига

9 мај 2011

Најдобриот фудбалер на новиот германски шампион Борусија Дортмунд, Нури Шахин, објави дека идната сезона ќе игра за Реал Мадрид. Во претпоследното коло од Бундеслигата, Санкт Паули се прости од прволигашкиот статус.

https://p.dw.com/p/11CFh
Нури Шахин заминува кај својот пријател Месуд ЕзилФотографија: AP/DW

Фудбалскиот клуб Санкт Паули е првиот тим што испадна од првата фудбалска Бундеслига сезонава. Клубот издржа само една сезона во најдобрата конкуренција и беше испратен во втората лига со 8 голови во мрежата од страна на Бајерн Минхен. Поразот од 1:8 беше уште поболен со оглед дека се случи на последниот натпревар пред домашна публика, под раководство на тренерот Холгер Станиславски, кој го напушта клубот по цели 18 години и наредната сезона ќе го тренира Хофенхајм:

„Тоа беше трогатален момент, сосема на крај сам да можам да свртам круг на стадионот и да се поздравам со навивачите. Човек се обидува да се подготви за таква ситуација, но тоa не е можно“, истакна Станиславски.

Fußball Bundesliga FC St. Pauli gegen FC Bayern München
Тренерот Холгер Станиславски се збогуваше со навивачите на Санкт ПаулиФотографија: dapd

Гомез ќе биде најдобар стрелец

За Бајерн Минхен три гола постигна Марио Гомез и сега е практично недостижен на врвот на листата на стрелците сезонава, со 27 голови. Минхенчани по оваа победа дури имаат шанса да го престигнат Бајер Леверкузен на второто место, кое води директно во Лигата на шампионите. Тимот од Леверкузен, имено, во претпоследното коло одигра само 1:1 дома, против Хамбургер.

Кој ќе биде вториот тим покрај Санкт Паули што директно ќе испадне од првата лига? Ова прашање се однесува на три екипи. Кандидатот број еден е претпоследнопласираниот Ајнтрахт од Франкфурт, кој во мечот „да се биде или не“ загуби дома од, исто така до викендот од испаѓање загрозениот, Келн, со 2:0.

„Ова не е ситуација во која можам со полна самоувереност да кажам. Сега одеднаш ќе биде сосема поинаку. Ако треба да биде поинаку, треба и поинаку да играме“ , изјави тренерот на Франкфурт, Кристоф Даум. На Франкфурт му е потребна победа против новиот шампион Борусија и тоа во Дортмунд, во последното коло, за барем некакви шанси за опстанок.

Fussball UEFA Championsleague Inter Mailand Mario
Напаѓачот на Бајерн , Марио ГомезФотографија: picture alliance/augenklick/GES

Нури Шахин потпиша за Реал Мадрид

Од друга страна, Борусија Менхенгладбах, која долго беше сама на дното на табелата, е во налет и ја забележа третата победа по ред , овојпат против Фрајбург со 2:0, на домашен терен. Но за сигурен опстанок, Борусија мора на гости во сабота да го совлада Хамбургер. Најдобриот играч на Борусија сезонава, извонредниот Марко Ројс, по мечот со Фрајбург изјави:

„Знаевме однапред дека ова ќе биде проклето тежок натпревар. Ние едноставно сме среќни дека успеавме да победиме“.

Во опасност од испаѓање е и екипата на Волфсбург. Шампионот од 2009 во саботата загуби дома од Кајзерслаутерн со 1:2 и само победа на гостувањето против Хофенхајм во последното коло ќе значи спасување на прволигашкиот статус.

На Борусија Дортмунд, по предвременото освојување на титулата во минатото коло, очигледно и‘ опадна концентрацијата. Новиот шампион загуби на гостувањето во Бремен со 2:0, што пак за домашниот Вердер значеше конечно осигурување на местото во првата Бундеслига и наредната сезона. Наредната сабота, по мечот со Ајнтрахт во Дортмунд, ќе биде и официјално прославена титулата, но тоа ќе биде и ден на официјално збогување од можеби најдобриот играч на Борусија, Нури Шахин. Тој имено, денеска официјално соопшти дека наредната сезона ќе игра за Реал од Мадрид, што беше потврдено и од двата клуба.

Fußball 2. Bundesliga 33. Spieltag FC Augsburg FSV Frankfurt 08.05.2011
Играчите на Аугсбург ја слават победата над ФСВ Франкфурт и пласманот во првата БундеслигаФотографија: picture-alliance/dpa

Аугсбург - нов прволигаш

Исто како и Бремен, и Штутгарт ги острани и последните теоретки можности за испаѓање од лигата, со победата над четвртопласираниот Хановер, кој пак со овој пораз се прости од можниот настап во Лигата на шампионите и наредната сезона ќе игра во Лига Европа. Таму ќе се натпреварува и екипата на Мајнц, предводена од капитенот Николче Новески, по победата во саботата на гостувањето во Гелзенкирхен против Шалке од 3:1.

И навивачите на Нирнберг тажни си заминаа дома, откако омилениот тим загуби на домашен терен од Хофенхајм со 2:1.

Инаку, по Херта од Берлин , во неделата стана познат и вториот тим кој наредната сезона ќе игра во првата Бундеслига. Екипата на Аугсбург која ќе дебитира во најдобрата класа е вкупно 51 тим кој некогаш влегол во првата Бундеслига. Согласно тоа, славјето во Аугсбург беше огромно:

„Момчињата се херои кои обезбедија пласман во првата лига. Напишавме нова страница во клупската историја. Им се заблагодарувам на сите што придонесоа и помогнаа за тоа“, порача тренерот на Аугсбург Јос Лухукај, по клучната победа против ФСВ Франкфурт од 2:1.

Автор: Штефан Нестлер/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски