1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шармот на ресторанот Лип

14 март 2010

Ресторанот Лип има долга традиција и секој што значи нешто во Париз доаѓа тука. Интериерот има посебен шарм и се добива чувството дека сте во друга епоха.

https://p.dw.com/p/MRZP
Легендарниот ресторан „Брасерија Лип“ во ПаризФотографија: picture-alliance/dpa

Во срцето на Париз, во делот Сен-Жермен-де-Пре се наоѓа ресторанот Лип, париска институција со долга традиција. Уште од 80-те години не е променет интериерот изграден во „арт деко“ стил, а уште стојат и таблите закачени во 60-те години, на кои стои забрана за пушење луле или хранење кучиња. Оттогаш се и истите менија со калорични јадења. Келнерите, исклучиво мажи, отсекогаш ја носеле истата црно-бела униформа, а бројот означува колку долго работат тука. „Работам овде 17 години и горд сум на тоа, ние сме како едно семејство. Сите се познаваме, па дури и гостите ни се обраќаат по име: Жан Клод, како си? Овде владее добра атмосфера, која ја нема во другите париски ресторани. Мислам дека тоа ја прави Лип посебен“, вели шефот на ресторанот Клод Гуитар.

Место во „рај“ или во „чистилиште“

Ресторанот Лип во некои работи всушност е слична на клуб, има одредена хиерархија. Не е важно само да добиете маса, прашањето е каде смеете да седите. Гуитар понатаму вели: „Ова е првата сала, се вика „рај“. Може да се види секој гостин кој влегува, а и тој не гледа нас. Задната сала е подалеку и се нарекува „чистилиште“. Таму седат помалку проминентните и стални гости, а првиот кат се нарекува дури и „пекол“. Овде во Сен-Жермен е важно да се види и да се биде виден, што не важи за гостите на првиот кат.“

Madonna Britney Spears
И Мадона меѓу гостите во ЛипФотографија: picture-alliance/ dpa

Сите повидни луѓе доаѓаат во Лип, и тоа веќе подолг период. Ресторанот Лип пред 130 години ја отвори брачниот пар Лип од Елзас. Подоцна беше во сопственост на семејството Казес и стана омилен локал на личности како шпанскиот сликар Пабло Пикасо или парискиот гламур-пар Серж Генсбург и Џејн Биркин. Но, исто и светски ѕвезди како Мадона и Шерон Стоун беа гости во Лип при нивните престои во Париз. За поранешните француски претседатели Жорж Помпиду, Жискар Дестен или Франсоа Митеран дури бил поместен и часовникот, кој оттогаш традиционално покажува седум минути повеќе од реалното време. „Од ресторанот Лип до Сенатот или до Народното собрание има седум минути. Затоа тогашниот сопственик, г-дин Казес, решил да го намести часовникот седум минути понапред и така политичарите кои доцнеле сепак стигнувале на време на состаноците,“ раскажува Клод Гуитар.

Делфи и Готие чести гости во Лип

За разлика од нив, на француската глумица Жули Делфи обично не и‘ се брза. Таа живее во близината и со години доаѓа во Лип: „Секогаш порачувам чаден лосос со копер. Ми се допаѓа ресторанот Лип оти е стара и традиционална. Моите американски пријатели кога се во Франција сакаат да јадат во типично париска брасерија и доаѓаме тука.“

25.01.2008 DW-TV EUROMAXX QUIZ B GAULTIER
Готие е чест гостин во Лип

Чест гостин во Лип е исто така и парискиот моден креатор Жан Пол Готие: „Интериерот со старите ѕидни плочки со цветен дезен шарм. Се добива чувство дека сте во друга епоха кога ќе ги видите келнерите со нивните бели престилки. Ја обожавам оваа француска традиција, а згора на тоа овде и јадењето е вкусно.“

Се разбира за сталните гости во Лип секогаш има слободна маса. „На масата бр. 1 на аголот седеше Ив Сен Лорен, а денес седи Жан Пол Белмондо. На другиот агол е масата за заљубени, како на пример на Кејт Мос или Ванеса Паради и нејзиниот сопруг Џони Деп,“ вели Клод Гуитар.

BdT Preis Bambi 2005 für Bill Clinton
Клинтон е еден од проминентните гости во култниот ресторанФотографија: AP

Сепак и славните личности треба да ги почитуваат правилата на куќата, што важи дури и за поранешниот претседател на САД Бил Клинтон. Гуитар се сеќава на случката: „Кога дојде, тој порача кока-кола. Но, ние никогаш не сме служеле кока-кола и не сакавме да направиме исклучок ни за него. Затоа најпосле испи чаша вино бордо.“

Околу пладне ресторанот почнува да се полни, во задната сала доаѓаат јапонски туристи, а сталните гости, меѓу кои и францускиот глумец Венсан Линдон, се сместуваат на масите напред. Жан Пол Белмондо се очекува да дојде дури вечер. Кога некој гостин влегува во Лип, познавачите веднаш знаат дали доаѓа првпат. Клод Гуи објаснува: „Ако некој сака да ја турне вратата што се врти во погрешна насока, веднаш се гледа дека не доаѓа често овде. Оној кој влегува во ресторанот и им се воодушевува на ѕидовите и плафоните, значи за првпат ја запознава просторијата. Тогаш, како за првпат, мора да јаде на првиот кат.“ За среќа во Лип сепак постои можност за напредување...

Автор: Катја Лирш/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска