1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шампиони на „обложувачката мафија“

19 мај 2011

Во процесот за најголемиот скандал со обложување во европскиот фудбал, денеска (19.05) во Бохум ќе бидат донесени пресудите. Во фокусот на процесот е измамникот Анте Шапина, еден од лидерите на „обложувачката мафија“.

https://p.dw.com/p/11Izf
Анте Шапина се терети за местење на 47 фудбалски натпревариФотографија: dapd

Летото во 2006 година Германија беше во фудбалска треска. Во центарот на Берлин во кафулето „Кинг“ Германецот по потекло од Хрватска Анте Шапина кроеше големи планови, како да ја глобализира измамата со обложувањето.

Шапина е постојан актер на обложувачката сцена. Неколку месеци пред Светското првенство во фудбал, во врска со „аферата Хојцер“, тој беше осуден на две години и единаесет месеци. Марио Ц. , и останатите соучесници му овозможија и пристап до азискиот обложувачки пазар, каде нема ограничувања и правила, а годишниот обрт се проценува до 100 милијарди евра.

„Лига на шампионите меѓу обложувачката мафија“

Symbolbild Wettskandal
Шапина поткупувал играчи, судии и функционери од УЕФАФотографија: picture-alliance / Sven Simon

Анте Шапина, и уште петмина негови соучесници одговараат за измама со обложување за 47 фудбалски натпревари пред покраинскиот суд во Бохум. Државниот обвинител Андреас Бахман за Шапина и неговите соработници рече дека се „Лига на шампионите меѓу обложувачката мафија“.

Главниот обвинет Шапина во процесот призна дека поткупувал играчи, судии и еден функционер од УЕФА:

„Јас давав дел од парите што беа наменети за фудбалерите. Изманипулиравме неколку натпревари.“

Според Шапина, тој во просек месечно вложувал по еден милион евра во спортските обложувалници, а дневно се обложувал на околу 30 натпревари, од кои најмалку еден бил наместен. Тој имал контакт со луѓе од Малезија и Хонг Конг, кои ги „переле“ добиените пари и ги трансферирале во Европа.


Најмногу се обложувале во Азија

Symbolbild Fußball Wettskandal
На азискиот обложувачки пазар нема ограничувања и правилаФотографија: picture alliance / dpa

Никој не знае колку заработил Шапина со обложувањето. Тој поседува тајни сметки на островот Ман, а дел од парите скрил и во Хрватска и други земји. Јавното обвинителство од Бохум трагаше по неговото нелегално богатство дури и во Русија, Кина и Малезија.

Шапина и неговите соучесници најмногу се обложуваа во Азија. Преку сметката на еден букмејкер од Лондон, помеѓу 2008 и 2009 година наводно е направен обрт од 32 милиони евра. Германските истражни органи претпоставуваат дека Анте Шапина со обложувањето на манипулираните фудбалски натпревари добил околу 3,5 милиони евра. Но, чистата добивка е значително помала, оти дел од парите е за влоговите при обложувањето.

Анте Шапина за неколку години од обичен студент по економија стана берлински крал на обложувањето. По првата пресуда пред шест години тој вети: „Започнувам нов живот. Поглавјето скандал за мене е завршено!“ Но, и покрај оваа изјава само неколку недели по излегувањето од затвор тој повторно беше дел од тој бизнис. Денес (19.05) ќе да ја добие сметката за тоа.

Автор: Среќко Матиќ/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска