1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шалке елиминиран од Лигата на шампионите

Зоран Јордановски7 декември 2005

...но ќе продолжи во Купот на УЕФА. Натамошно учество во Лигата на шампионите обезбеди Глазгов Ренџерс.

https://p.dw.com/p/Aejr
Тренерот на Шалке Ралф Рангник
Тренерот на Шалке Ралф РангникФотографија: AP

Фудбалерите на Шалке не успеаја да ги остварат желбите за пласман во осминафиналето на најзначајното европско клупско фудбалско натпреварување – Лигата на шампионите. Во Милано Шалке е поразен од Милан со 3 спрема 2. Големата борбеност и волја на тимот од Гелзенкирхен не беа доволни за успех во натпреварот кој значеше се’ или ништо за обете екипи; нерешен резултат, имено, ќе му беше доволен на Шалке, но би бил елиминиран Милан, зашто ПСВ Ајндховен немаше никаков проблем во средбата со Фенербахче од Истанбул, што ја реши во своја полза со 2 спрема 0.

Милан е победник во Е-групата со 11 бодови и заедно со ПСВ, кој има 10, се пласира за осминафиналето. Шалке како третопласиран тим со 8 бодови, за утеха, се вклучува во натпреварите од Купот на УЕФА, а последнопласираниот Фенербахче е елиминиран.

Во Ф-групата беше практично се’ јасно оти Олимпик Лион и Реал Мадрид веќе претходно го обезбедија натамошното учество во Лигата на шампиони. Грчкиот претставник Олимпијакос од Пиреја ни победата против славниот Реал со 2 спрема 1 не го спаси од елиминација, бидејќи во Купот на УЕФА ќе оди норвешкиот тим Розенборг од Трондхајм иако загуби на гостувањето кај Олимпик во Лион со 2 спрема 1. Олимпик е прв во групата со 16 бодови, Реал има 10.

И во Г-групата се’ беше јасно, освен прашањето кој ќе биде прв. Челзи на домашен терен не успеа да го совлада Ливерпул – средбата заврши 0 спрема 0, па Ливерпул ја задржа предноста од еден бод и првото место во групата, пред Челзи. Бетис непријатно ги изненади своите навивачи со поразот дома од Андерлехт со 1 спрема 0, но тоа нема никакво влијание врз веќе претходно обезбеденото учество на Бетис во купот на УЕФА. Андерлехт е елиминиран од натамошен настап на европска сцена во оваа сезона.

Тоа во Д-групата го доживеа поранешниот европски првак Порто. Интер го имаше веќе порано обезбедено првото место, се’ друго беше отворено. Синоќа обата дуела завршија нерешено: Интер поведе во Глазгов, домаќинот му се израдува на изедначувањето, но до крајот остана 1 спрема 1 и „ренџерсите“ сепак не успеја со свои сили да го обезбеди второто место. Огромна беше радоста на играчите и на навивачите, кои на стадионот Ајброкс-парк ги очекуваа вестите од Братислава, кога беше објавено дека таму, на теренот прекриен со вода и кал, Артмедиа и Порто не успеаја да ги затресат мрежите. Резултатот од 0 спрема 0 на Артмедија и’ донесе само учество во купот на УЕФА.

Денеска се играат средбите од другите 4 групи во Лигата на шампионите.

Баерн, сигурен учесник во осминафиналето на Лигата на шампионите, му гостува на Бриж, додека Јувентус, кој исто така обезбеди пласман во осминафиналето, ќе игра против Рапид во Виена. Во А-групата се решава само прашањето на првакот, инаку Бриж ќе биде учесник во Купот на УЕФА, а Рапид е елиминиран.

Во Б-групата се’ е порано расчистено на врвот: денеска меѓу себе играат сигурниот првак во групата Арсенал со Ајакс од Амстердам, кој е недостижен на второто место. Во Прага, во дуелот меѓу Спарта и Тун, ќе падне одлуката за учесникот во купот на УЕФА, при што на гостинот му е доволен и нерешен резултат.

Вердер денеска во Бремен ќе мора да оствари победа против Панатинаикос од Атина, но истовремено и да се надева дека извесниот првак на Ц-групата Барселона ќе го победи Удинезе на негов терен – само во таква констелација и втор германски претставник би можел да се најде во осминафиналето на Лигата на шампионите. Вердер е хендикепиран поради отсуството на Класниќ, а и настапот на најдобриот стрелец Клозе исто така е под прашање.

Најнеизвесно вечер е во Д-групата, каде сите екипи имаат шанси за освојување на двете места што водат во осминафиналето. Вилјареал, кој сега е прв со 7 бодови, го пречекува моментно третопласираниот Лил, кој има 6. За Бенфика, на последното место со 5 бодови, е достижна втората позиција ако вечер го победи Манчестер Јунајтед, кој има 6 бодови и од своја страна со три бода од Лисабон може да биде дури и прв во групата.

На 16-ти декември во Нион, Швајцарија, ќе бидат извлечени двојките за осминафиналните средби од Лигата на шампионите, што ќе се играат по зимската пауза, на 7-ми и 8-ми март.