Чувар на наследството
25 март 2010„Парсифал“ е првата опера со која бил отворен обновениот фестивал во Бајројт по Втората светска војна. За тоа беше заслужен пред се‘ Волфганг Вагнер, кој во првите повоени години со својот мотор крстарел низ разурнатата Германија барајќи спонзори. Во тој период, кон почетокот на педесетите, малкумина во земјата се интересирале за опера и за Вагнер: „Да, имаше два големи проблема. Од една страна финансирањето - не смее да се заборави дека изворниот фестивал под раководство на Рихард Вагнер пропаднал поради финансиите. Исто така некои Германци биле против фестивалот. Тие никогаш не би успеале без странците. Германците имаа предрасуди поради пријателството на мојата мајка со Хитлер“, се сеќаваше подоцна Волфганг Вагнер.
Двајца браќа на чело на фестивалот
Волфганг Вагнер го спаси фестивалот во Бајројт, смета диригентот Петер Шнајдер: „Тој се грижеше за се‘, доаѓаше на проби, сум го видел како во кантината ѕирка во тенџерињата за да види што е зготвено и дали е се‘ во ред. Тој имаше извонредно музичко образование.“
Подмладување на митот
Во март 1999 година, Волфганг Вагнер одлучи дека е време да побара свој наследник во водството на фестивалот. Но, тоа беше макотрпен процес. Некои членови на кланот Вагнер со години се караа и надитруваа околу наследството. Кога кон крајот на 2007 година починала втората сопруга на Вагнер Гудрун, која повеќе од 25 години беше негова десна рака, Волфганг Вагнер ја донесе одлуката да го предаде фестивалот во рацете на неговите две ќерки, Ева и Катарина Вагнер.
Со тоа на таканаречениот „зелен рид“ во Бајројт започна нов период. Финансиската состојба беше се‘ потешка, а на уметнички план дојде до освежување. Се‘ повеќе се преферира модерната т.е. „режијска опера“, а фестивалот во истовреме се отвара кон широката јавност и престанува да биде ексклузивна забава за одбраните.
Волфганг Вагнер, кој во 2007 година скоро целосно се повлече од јавноста, својот 90-ти роденден неодамна го прослави во кругот на семејството. Почина заспивајќи тивко во неделата на 21 март, изјави неговиот портпарол за медиуми.
Автор: Дитер Давид Шолц/Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Жана Ацеска