1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човековите права на тапет

12 март 2010

На опозицијата во Македонија и‘ одат во прилог забелешките на американската влада што се однесуваат на состојбата на човековите права во Македонија. Власта не го коментира најновиот извештај на Стејт Департментот.

https://p.dw.com/p/MQnC
Фотографија: DW

Извештајот на Стејт Департментот што се однесува на човековите права во Македонија е објективен, сметаат активистите за човекови права и правните експерти кои ги анкетираше Дојче Веле. Постигнат е напредок, но пред Македонија се‘ уште има бројни предизвици кога е во прашање унапредувањето на човековите права, оценува Вашингтон.

Во извештајот ја нема социјалната компонента

Во синоќа објавениот извештај констатирани се проблеми со третманот на притвореници, преполни затвори, застој во судските реформи, загриженост за владиното мешање во верски прашања и меѓуетничка напнатост. Според Мирјана Најчевска, во извештајот не е нотирана една важна компомента кога се во прашање човековите права.

USA Symbolbild Logo State Department
Фотографија: AP GraphicsBank

„Објективен е во оној дел во кој се повторуваат некои елементарни работи поврзани со промоција и заштита на човековите права. Она што вообичаено го нема во овој извештај е социјалната компонента. Тоа е најверојатно елементот што продуцира многу големи нарушувања на човековите права.“

Приоритет - судството

Се‘ почнува и најмногу зависи од судството, затоа прироритетите треба да бидат насочени во оваа сфера, смета Тони Менкиновски од Хелсиншкиот комитет за човекови права:

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Приоритет имаат реформите во судствотоФотографија: Petr Stojanovski

„Приоритет за реализација имаат реформите во судството. Тие имплицираат доста други повреди во системот на човекови права.“

Спорот околу владината поддршка за градење на православна црква на градскиот плоштад во Скопје, според американската влада придонесол за меѓуетничка напнатост и покренал прашања за владино мешање во верски работи.

Владата нема слух?

Оваа забелешка, заедно со критиката за преполните затвори и меѓуетничките односи, се најважни смета опозицијата во Македонија. Гордан Георгиев од СДСМ вели:

„Овие три работи се поклопуваат со жестоките напади на опозицијата. Сега, кога критиката доаѓа од страна на нашиот најголем партнер и поддржувач, се поставува прашањето - зошто Владата не нашла слух за забелешките на опозицијата?“

Владеачката партија не сакаше да го коментира извештајот на Стејт Департментот. Човековите права во последно време се прилично критикувана демократска придобивка. Многумина сметаат дека Македонија стагнира, односно назадува, кога станува збор за човековите права и слободи.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска