1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човековите права на Куба

28 јули 2010

Европската унија од Куба бара да ги почитува човековите права, пред да се донесе одлуката за подобри економски и трговски врски. Но, дали пуштањето од затвор на 52 затвореници во Куба е навистина знак во таа насока?

https://p.dw.com/p/OVoN
Нема видливи промени во политиката на Фидел КастроФотографија: AP

Кубанската влада ослободува политички затвореници, но во истовреме ги депортира во Шпанија. Така режимот се ослободува од опозиционерите. Гинтер Мајхолд, заменик директор на Фондацијата економија и политика, во интервјуто за Дојче веле ирази сомневање: „Досега нема никакви докази за промени во кубанската политика, ни во поглед на човековите права, ниту за политичките слободи или за економската обнова. Ми се чини дека кубанските интереси најнапред се да ја намалат штетата во областа на меѓународната политика, и да го поправат лошиот имиџ на земјата во поглед на човековите права. Сепак, веќе имаше и мртви поради штрајкот со глад“.

Краткотрајно избегнување на меѓународниот притисок


Kuba DIssidenten Freilassung Madrid Spanien
Ослободените кубански затвореници по пристигнувањето на аеродромот во МадридФотографија: AP

По интензивните заложби на католичката црква во Куба, беа пуштени 52 од вкупно 75 затвореници од опозицијата, кои во 2003 година беа осудени на повеќе години затвор. Според податоците на Комисијата за човекови права, во кубанските затвори во моментов има 167 политички затвореници, а меѓународните организации за заштита на човековите права сметаат дека се многу повеќе.

Кубанскиот автор, литературен критичар и новинар Амир Вале, кој живее во Берлин, вели дека кубанскиот режим ослободува заробеници за краткотрајно да го избегне меѓународниот притисок: „За време на посетата на Папата Јован Павле II, на Куба беа ослободени 80 затвореници. Во тој период Куба беше потполно изолирана од остатокот од светот. Истото се случи и во времето на претседателот Џими Картер и на Шпанецот Фелипе Гонзалес.“ Амир Вале важи за еден од најдобрите автори на младата кубанска раскажувачка уметност. Откако неговите книги беа забранети од Фидел Кастро, спаѓаат во тајните бестселери.

Шпанската влада се залага за соработка со Куба


EU Kuba Flagge

Шпанската влада, за време на претседателството со ЕУ се залагаше за економска размена и соработка со островот. Но, Мигел Анхел Моратинос не успеа га ди убеди неговите ресорни колеги од ЕУ и затоа побара одлуката за односите со Куба да се одложи за септември.

Писателот Амир Вале сака Европејците и понатаму да го потсетуваат режимот на Куба на неговите обврски да ги почитува правата на своите граѓани: „На пример, Кубанците да го добијат правото да отворат сопствено, приватно претпријатие, и слободно да влегуваат и излегуваат без да бараат дозвола. Покрај тоа мора да се укине строгиот закон 88, според кој граѓаните може да бидат осудени на 30 години затвор ако го критикуваат режимот.“ Според кубанскиот кривичен законик, владата исто така може да ги затвори оние кои не направиле прекршок, но се претпоставува дека во иднина би можеле да го сторат тоа.

Автор: Ева Узи/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска