1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човековите права и бизнисот на Саркози со Гадафи

Тони Гламчевски11 декември 2007

Посета на Гадафи на Франција се совпадна со крајот на работите на парламентарната истражна комисија, која треба да ја открие цената што Франција и ја плати на Либија за ослободувањетои на бугарските медицински сестри.

https://p.dw.com/p/Ca48
Саркози и ГадафиФотографија: AP

Црвен тепих пред авионот. Еден човек го поткрева и запрашува: „Тепихот за пречек на Гадафи е произведен во Кина? На што Никола Саркози одговара : Господи! Имам право да правам зделки со диктатори!“ Цртежот објавен на првата страница на „Паризјан-Ожурдуи ан Франс“ најдобро го резимира она што може да се прочита во францускиот печат. Со исклучок на Фигаро сите други весници се критички расположени за посетата на Гадафи, кој за последен пат ја посети Франција пред триесетина години.

Критики и од редовите на власта

Критиките дојдоа не само од опозицијата, туку и од редовите на владата. Државниот секретар за Човекови Права Рама Јад, жалејќи што посетата на Муамар Гадафи се совпадна со меѓународниот ден за Човековите права, во интервјуто за Паризјан смета дека „Франција не смее да го прими бакнежот на смртта.“ Првиот човек на Либија „треба да сфати дека Франција не е простирка врз која еден водач, теторист или не, може да дојде и да си ги избрише крвавите нозе од неговите злосторства“- вели таа.

Рама Јад помина еден час на разговори кај претседателот Саркози, по што тој и ја потврди довербата. Но Елисејската палата сепак појасни дека позицијата на Рама Јад не ја одразува официјалната француска политика кон Либија.

Саркози изненадува со својата дипломатија

„Му реков на претседателот Гадафи уште колку многу треба да напредува на патот на Човековите права. Во многу аспекти има уште многу да се направи. Од друга страна, што ќе им речеме на иранските раководители ако не му подадеме рака на либискиот водач, кој избра да му го сврти грбот на нуклеарното оружје и тероризмот.“

Офанзивната и без табу дипломатија на Саркози е пропратена со агресивна трговска политика во служба на работните места и економскиот пораст во Франција.

„Ќе потпишам договори во износ од десетина милијарди евра со либиската страна. Тоа е за зачувување на работните места и развојот на Франција.“ – нагласи францускиот претседател.

Триполи купува 21 авион на Ербас

На свечената вечера организирана во Елисејската палата во чест на либискиот водач, Триполи го потврди купувањето на 21 различни типови на авиони од семејството Ербас. Склучен е договор за соработка во цивилната нуклеарна енергија со испорака на еден или повеќе нуклеарни реактори. Како и бројни други договори за купување на воена опрема и воена соработка. А се споменува и купување на 14 борбени авиони од типот „Рафал“, кои се досега Франција не успеа да им ги продаде на ниту една друга армија. Сето тоа во износ од околу 10 милијарди евра.

Гадафи буди лубопитност

Во текот на петдневната официјална посета на Франција, Муамар Гадафи ќе треба уште еднаш да се сретне со Никола Саркози. Покрај протестите, критиките и најавениот бојкот на дел од пратениците при неговата посета на Националното Собрание, Гадафи буди љубопитност.

Пред се неговиот бедуински шатор подигнат наспроти Елисејската палата на тревникот во Хотел Марињи – резиденцијата на највисоките официјални гости на францускиот претседател.