1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Честитки од целиот свет за славеникот Мандела

Б.Г./ртр/дв18 јули 2013

Јужна Африка и светот денеска (18.07) го слават роденденот на Нелсон Мандела, борецот против апартхејдот кој слави 95 години. Неговото здравје се подобрува, велат најблиските.

https://p.dw.com/p/19AFp
Фотографија: Alexander Joe/AFP/Getty Images

Херојот на борбата против апартхејдот и поранешен јужноафрикански претседател Нелсон Мандела денеска полни 95 години, а неговото здравје се подобрува, соопшти претседателството на Јужноафриканската Република.

„Мадиба и натаму е во болница во Преторија, но лекарите потврдија дека неговото здравје е се‘ подобро“, се наведува во соопштението. Мандела е повеќе од пет недели во болница поради инфекција на белите дробови. Неговата болест ширум светот предизвика вистинска поплава од сочувства и желби за оздравување.

Кон честитките денеска се приклучија речиси сите светски лидери. Обединетите нации во 2009. го прогласија 18 јуни за Ден на Мандела и традиционално на тој ден се одржуваат многу манифестации. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун оцени дека „Мандела е џин на нашето време“ и ги повика луѓето ширум светот да му оддадат признание преку хуманитарна работа, а американскиот претседател Барак Обама рече дека почитта кон Мандела треба да се оддаде со волонтерска работа. Во САД, Денот на Мандела се одбележува со манифестации во повеќе од 20 градови, а централната се одржува на Капитол Хил во Вашингтон.

Mandela Krankenhaus Genesungswünsche 12.07.2013
Фотографија: Reuters

Во самата Јужноафриканска Република, илјадници луѓе го слават роденденот на нивниот великан. Годинава тоа се прави со 67-минутна добротворна јавна работа, како симбол на 67-годишнината откако нобеловецот за првпат јавно му се спротивстави на апартхејдот во неговата земја.

Мандела беше избран за претседател на Јужна Африка во 1994 година, со што практично беше ставен крај на режимот на белото малцинство во земјата, откако четири години претходно беше ослободен од затвор каде мина 27 години.