1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чарлс Тејлор осуден на 50 години

Александер Гебел/Александар Методијев/афп/дпа30 мај 2012

Чарлс Тејлор, поранешниот претседател на Либерија, е осуден на 50-годишна затворска казна за воени злосторства во Сиера Леоне. Судот на ОН во Хаг пресуди дека Тејлор ги помагал бунтовниците со т.н. „крвави дијаманти“.

https://p.dw.com/p/154Qa
Фотографија: AP

„Судскиот совет едногласно Ве осудува на единствена затворска казна од 50 години по сите точки од обвинението“, објави судијата Ричард Лусик во Специјалниот суд за Сиера Леоне. „Обвинетиот е виновен за помагање и поттикнување на едни од најгрозоморните злосторства во човечката историја“, додаде судијата.

64-годишниот Тејлор беше облечен во темен костум, бела кошула и златна вратоврска и пресудата ја слушаше со затворени очи и наведнато лице. За неа тој може и да поднесе жалба. Постои голема веројатност тој казната да ја отслужи во максимално обезбеден британски затвор. Неговата одбрана бара да биде префрлен во затвор блиску до Африка, за да може да одржува врски со својата фамилија.

Charles Taylor Urteil Den Haag Sondergerichtshof für Sierra Leone
Тејлор бара казната да ја отслужи поблиску до семејствотоФотографија: AP

Најтешки злосторства во Втората светска војна

Злосторствата направени во западноафрикансакта држава Сиера Леоне во периодот од 1991-ва до 2002-ра година се сметаат за најтешки од крајот на Втората светска војна. Тејлор беше прогласен за виновен за сите точки од обвинението, кои вклучуваат убиства, силувања и користење деца како војници. Обвинителството во Хаг побара 80-годишна затворска казна за Тејлор.

Сеќавањата за насилството и денес се свежи меѓу жртвите.

„Бунтовниците ме фатија. Ние трчавме борејќи се за својот живот, а неколку од моите пријатели беа застрелани. Тие ме притворија. Јас не сакав како војник да се борам за нив – сакав да одам во училиште. Таму тие ми ја пресекоа десната нога со мачета“, вели Томи Идриса.

Тоа се случило пред десет години. Томи сега има дваесетина години и ја преживеа граѓанската војна. На плантажата на која работи има 80 мажи и жени – на сите им недостасуваат раце, дланки или нозе.

Бунтовници финансирани со дијаманти

Војната почна во 1991-ва година, кога беа нападнати села на пограничната област меѓу Либерија и Сиера Леоне. На тогашниот претседател на Либерија Чарлс Тејлор му требаа пари за војната со соседот. Бунтовниците сакаа да се ослободат од владата во Сиера Леоне и им требаше оружје. А, Тејлор тоа можеше да го испорача, бидејќи имаше врски со дилерите на оружје од поранешниот Советски Сојуз, а погледот го сврте и кон рудниците со дијаманти на истокот од Сиера Леоне. Таму робови ископуваа дијаманти, од чија продажба се финансираа бунтовниците. При нападот на Фритаун, на 6-ти јануари 1999 година, беа убиени околу 40.000 лица. Џабати Мамбоу тогаш имал 15 години.

Horn von Afrika Hungersnot
Бунтовниците биле финансирани со продажба на дијаманти, ископани од робовиФотографија: picture-alliance/dpa

„Војниците ги извлекоа сите момчиња од куќите и ги наредија на улица. Јас бев првиот. Ми наредија десната рака да ја ставам на земја. Потоа дојде еден со секира и ми ја пресече. Едноставно туку-така“, раскажува што преживеал Џабати Мамбоу.

Казната не ги враќа екстремитетите

Хоророт заврши во 2002-ра година, кога ОН испратија до тогаш најголем контингент на сини шлемови. Жителите сметаат дека поради војната Сиера Леоне беше речиси уништена.

Amputierter Mohamed Bangura aus Sierra Leone Mehr Köpfe
Осакатените жители на Сиера Леоне велат дека ниту една казна нема да им ги врати екстремитетитеФотографија: Tamsin Ford

„Трагите од војната можат да се видат и денес. Највоочливи се жртвите со ампутирани екстремитети. Тука има и силувани жени и деца-војници. Добро е што господинот Тејлор ќе биде прогласен за виновен. Така барем би започнало помирувањето. Тука се случија незамисливи работи, а јас сум сведок на нив“, вели студентот Абу Кпавох.

Битката со Тејлор за многу жители во Сиера Леоне ќе заврши кога ќе бидат сигурни дека тој ќе го мине остатокот од животот зад решетки.

„Тоа нема да ми ја врати раката назад, но јас не верувам дека постои нешто што се вика правда“, вели Џабати Мамбоу.