1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Чадор за спас на Балканот“

24 јануари 2012

Весникот „Зидојче цајтунг“ под овој наслов денеска го анализира односот ЕУ-Балкан и оценува: „Проширувањето на ЕУ во ЈИЕ е најдобриот и наповолен пат до мир и стабилност“.

https://p.dw.com/p/13oqt

„По приемот на Хрватска ЕУ веројатно ќе направи пауза во проширувањето. Тоа е и неопходно, зашто останатите балкански земји мораат уште да докажуваат дека навистина сакаат да бидат дел од ЕУ. За такво нешто не се доволно празни флоскули за реформи. Се’ додека Србија не се ’снајде’ со отцепувањето на Косово, додека албанските националисти сонуваат за промени на границите на Балканот и се’ додека Босна и Херцеговина е нефункционална држава, приклучувањето кон ЕУ ќе се одолговлекува. Тоа важи и за Албанија, каде корумпирана политичка елита со делумно криминални методи се бори за власт и со тоа спречува интеграција во ЕУ.

Сепак, би било погрешно кога Брисел би му ја затворил вратата на регионот. Примерот на Хрватска покажува дека притисокот на ЕУ дава посакувани ефекти. Изгледот за прием во ЕУ ги принудува владите на Балканот да дејствуваат и делува како чадор за спас. Ваквиот чадор е поволна инвестиција за обезбедување мир и демократија во Југоисточна Европа“, пишува денеска „Зидојче цајтунг“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пак, на својата прва страница коментира:

„Црна Гора, Србија, Македонија, Албанија и Косово се на листа на чекање кога станува збор за заокружување на политиката на ЕУ кон Балканот. Но, не треба да се брза, ниту со термини, ниту со конечно изјаснување. Се’ додека водечките држави на ЕУ не знаат точно како натаму со костурот, наречен и еврозона, нема да има ниту несубјективен поглед кон кандидатите за членство. Меѓутоа, би било погрешно вредноста на овие земји за ЕУ да се оценува според тоа колкави проблеми има ЕУ со самата себе.“

„Мителбајерише цајтунг“ оценува дека ЕУ ја загубила својата привлечност:

„Дури и на Балканот Европа, волшебниот збор во мрачни времиња, ја загуби својата привлечна моќ. Она што сега мина во Хрватска, југоисточно е се’ уште под знак прашалник. Во Србија, Босна, Албанија, а за Косово и да не зборуваме, на пријателите на Европа им е се’ потешко. Скепсата им дава полет на националистите и на клептократските ’бизнисмени’... Фазата на арогантна тромавост и грубост во проширувањето кон ЈИЕ во неделата заврши. Отсега Европа ќе мора активно да се потруди по прашањето на приклучување на Балканот, ако не сака на своите граници да има нов Блиски Исток“.

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска