1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски прифаќа избори, ако се исполнат условите на СДСМ

21 февруари 2011

Македонскиот премиер Груевски синоќа најави организирање предвремени избори во мај годинава. Причина за ваквата одлука, според него, е бојкотот на парламентот од страна на опозицијата кој и штети на државата

https://p.dw.com/p/10L0q
Груевски на предвремени избори ќе бара нов мандат од граѓанитеФотографија: AP

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски ја прифаќа понудата на премиерот Никола Груевски за предвремени избори, но само доколку претходно се исполнат условите на неговата партија, кои СДСМ претходно ги постави за враќање во Собранието.

Од СДСМ бараат симнување на блокадата на сметките на телевизијата А1, весниците „Време“, „Шпиц“, „Коха е Ре“, и прочистување на избирачкиот список, а се откажуваат од барањето министерот за правда да се тргне од Судскиот совет.

Според проценката на СДСМ, доколку се исполнат овие услови, предвремените парламентарни избори би се одржале во средината на јуни.

„Ова е сериозен план со конкретни рокови. Ако сте искрен во подготвеноста да се соочиме со народот на фер избори, докажете го тоа. Прифатете го овој предлог и ајде да почнеме да работиме. Да одиме на избори во јуни“, рече Црвенковски, при тоа додавајќи дека барањата се легитимни и логични и нема причина зошто да не бидат прифатени. Тој додаде дека доколку премиерот ги одбие овие услови, тоа би значело дека не е подготвен за избори.

Branko Crvenkovski ist der neue Parteichef von der Partei SDSM
Црвенковски ја прифаќа фрлената ракавица од власта, но по исполнување на условите на СДСМФотографија: MIA

Груевски сака избори заради државата

Премиерот Груевски синоќа понуди нови предвремени избори, повикувајќи во Парламентот од денеска да се врати СДСМ, да се усвојат само измени во Законот за избори, а потоа да се одмерат силите и довербата. Во првиот јавен настап дома, по враќањето од Вашингтон, синоќа, преку ТВ Сител шефот на Владата со предизвикувачка порака.

“Во услови кога гледам дека не ВМРО-ДПМНЕ, не Владата, туку државата има штета, не гледам друг излез освен да го повикам Бранко Црвенковски да се врати веднаш во парламентот и да одиме на избори. Народот нека се реши дали е за реформи и ВМРО-ДПМНЕ или за Бранко со целото негово минато. Ова што сега го прави опозицијата со бојкотот го урива угледот на државата. Какви реформи и да направиме, со парламентарниот бојкот на СДСМ ќе добиваме само негативни оценки на меѓународен план. Поради тоа чувствувам потреба да одиме на избори“, изјави Груевски за ТВ Сител.

Коалицијата на Груевски подготвена за избори

Лидерот на Демократскиот сојуз, владин партнер, за Дојче Веле неодамна рече дека “април или мај би бил изненадувачкиот термин за ново одмерување на силите, зашто Груевски е убеден дека и покрај падот на личната популарност, сепак има доволна предност и ќе успее да го победи Црвенковски за нова Влада“.

Деновиве се очекува и средба на владините партнери Груевски-Ахмети, по што ќе биде познато дали ќе се оди на избори што порано, оставајќи ги пописот и спорот за името како приоритети за идната Влада.

Според владејачките партии, избори може да се одржат и според сегашните правила и избирачки списоци што се ажурирани. Тоа го потврдил и претседателот на ДИК Александар Новаковски, кој минатата седмица изјави дека нема повеќе од 13 илјади спорни избирачи во гласачките списоци. Наспроти тоа од Хелсиншкиот комитет и натаму зборуваат за мртви души кои се на списоците, а не се идентификувани со право на глас.

Mazedonien Wahlen 3
Избори се ближат...Фотографија: DW

“Ние имаме проценка дека во избирачкиот список има до 150 илјади мртви души, што е сериозен проблем и може да влијае врз регуларноста на изборниот процес“, јавно кажа Христо Ивановски од македонскиот Хелсиншки комитет.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема