1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвените кошули“ се предаваат

19 мај 2010

По повеќенеделните протести на опозициското движење „Црвени кошули“ во централниот дел на Бангкок, безбедносните сили денеска успејаа да го срушат нивното упориште. Во најновите пресметки има и неколу жртви и повредени.

https://p.dw.com/p/NRdo
Фотографија: AP

Лидерите на антивладините демонстранти во Бангкок утрово и` се предадоа на полицијата на Тајланд, откако вооружените сили ги пробија нивните барикади во централниот дел на главниот град, при што загинаа четири лица. Опсадата на центарот на Бангкок заврши, соопштија главните организатори и лидери на „Црвените кошули“. „Не сакаме повеќе загуби на нашите браќа и сестри од ’Црвените кошули’“, истакна Венг Тојиракарн, еден од лидерите на опозициското движење, кој ги повика демонстрантите да го напуштат центарот на градот. Уште еден од лидерите, пак, истакна дека „направиле се` што можеле“ во борбата против тајландската влада.

По акцијата на армијата, портпаролот на владата, Панитан Ватанајагорн во телевизиска изјава соопшти: „Тајландската влада ве информира дека безбедносните операции за воспоставување контрола врз одредени делови на Бангкок завршија со успех. Безбедносните сили во моментов ја контролираат областа околу Лумпини.“

NO FLASH Thailand Armee Bangkok
Пресметките со вооружените сили траат скоро една неделаФотографија: AP

Расчистувањето на централниот дел продолжува

Тајландската армија утринава го нападна упориштето на „Црвените кошули“ во главниот трговски дел на Бангкок. Се проценува дека за време на акцијата таму имало околу три илјади демонстранти. Безбедносните сили со тенкови ги прегазија барикадите од автомобилски гуми и бамбусови дрва. Истрели доаѓале од двете страни. Меѓу четирите лица кои го загубија животот е и еден италијански новинар. Според очевидци, многу повредени останале да лежат на улица. Како што соопшти владиниот портпарол, акциите за расчистување на главниот град ќе продолжат во текот на целиот ден. Владата најави дека размислува за воведување полициски час, со цел да се олесни враќањето на редот и мирот во центарот на главниот град.

Меѓутоа, насилствата не завршија тука. Приврзаници на „Црвените кошули“ ги продолжија немирите во северноисточен Тајланд, каде упаднале во зградата на градската управа, по што ја запалиле.

Пресметките меѓу опозициските „Црвени кошули“ и владините сили траат скоро една недела и во последниве денови почнаа се` повеќе да наликуваат на граѓанска војна. Се` на се`, во протестите животот го загубија 39 лица, додека 329 беа ранети.

Автор: ТТ/ ЖА/ ард/ дв/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска