„Црвените кошули“ се повлекуваат
14 април 2009Дел од демонстрантите, кои се повлекуваат, пеат песни за зајакнување на моралот, но како што тврдат очевидци, на лицата на повеќето демонстранти може да се прочита пораз. Властите ставија на располагање 60 автобуси, за да ги транспортираат луѓето до автобуските станици во околината, пишува весникот „Нација“.
Веера Мусикапонг, еден од лидерите на „Црвените кошули“, како што се нарекуваат противниците на владата, кои се приврзеници на поранешниот премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра, рано изутрината ги повика демонстрантите да се повлечат. „Мора да го спасиме животот на секој невин граѓанин, чијашто цел не беше ништо друго освен враќање на демократијата“, изјави тој.
Тајландската полиција има намера да ги изведе пред суд водачите на протестите. Според шефот на националната полиција, Пачарават Вонгсуван, против водачите на демонстрациите ќе бидат издадени налози за апсење, поради тоа што ги прекршиле правилата на вонредната состојба, воведена во Банкок вчера. Вонредната состојба забранува собирање на јавни места на групи поголеми од пет лица.
На улиците на Банкок, инаку, денеска се видливи траги од вчерашните судири на демонстрантите и армијата. Насекаде има изгорени автомобилски гуми и автобуси. Во судирите загинаа најмалку две лица, а повредени се повеќе од сто. Тајландскиот премиер Абхисит Веѓаѓива изјави: „Задоволен сум што при операциите на полицијата и мерките што ги презедовме не загинаа цивили.“
Деновите на Абхисит се избројани?
Безбедносните сили сега чекаат наредба на политичкото раководство. Премиерот Абхисит најави дека има намера да ја расчисти ситуацијата до средината на неделава. Во медиумите во Тајланд, меѓутоа, веќе се зборува за можно повлекување на премиерот. Политикологот Павин Чачавалпонгпун од Институтот за јужно-азиски студии во Сингапур, оценува: „Деновите на Абхисит се избројани. Тој покажа дека не е во состојба ниту да ја реши внатрешнополитичката криза, ни да обезбеди сигурност на една меѓународна конференција. Меѓународниот углед на Тајланд е многу нарушен. Но, дали Абхисит ќе остане премиер или не, не е важно. Сега се наоѓаме во нова фаза. Тоа е револуционерен процес за промена на политичкиот систем на Тајланд и тука веќе не игра улога дали оваа влада ќе остане на власт или не.“
Абхисит досега го отфрла барањето на „Црвените кошули“ за распуштање на парламентот. Тој вели дека сега не е вистински момент за нови избори.
Автор: ЕМФ/СН/дпа/афп/дв
Редактор: Александра Трајковска