Ципрас ја бара вината за грчката криза во туѓ двор
17 мај 2012Претседателот на Врховниот административен суд на Грција, Панајотис Пикраменос, ќе ја води владата која ќе управува со земјата до предвремените парламентарни избори на 17-ти јуни. Пикраменос беше договореното решение на вчерашниот (16.05) состанок на шест од седум парламентарни партии со претседателот Папуљас, откако деветдневните преговори за формирање на коалициска влада, по изборите на 6-ти мај, завршија со неуспех. Премиерот нема мандат да донесува обврзувачки одлуки.
Сценарио за останување во еврозоната
Во меѓувреме, шефицата на ММФ, Кристин Лагард, испрати ново укажување до грчките политичари, барајќи од нив да покажат решеност за останување во еврозоната, што подразбира придржување на Атина до реформите од пакетот за спас. Но, во најновата изјава, за разлика од онаа од пред два дена, Лагард не зборува за излез на Грција од еврозоната, туку за сценарио за нејзино останување.
„Мислам дека треба да гледаме на оптималното сценарио каде земјата има политичко решение, ќе го исполни преземеното, ќе остане во еврозоната, а тоа е желбата на населението“, вели Лагард. Таа уште еднаш потсети дека излезот на Грција од еврозоната може да биде многу скап и тежок.
ЕУ и Меркел виновни за кризата?
Алексис Ципрас, шефот на грчката радикална левица СИРИЗА, за проблемите со економската криза ги обвини германската канцеларка Ангела Меркел и ЕУ, кои „играле покер со животите на луѓето во Европа“ со своето инсистирање на мерки за штедење. Ципрас рече и дека „ако болеста штедење ја уништи Грција, тоа тогаш ќе се прошири и на остатокот на Европа“.
„Банките профитираат на штета на илјадници Европејци - во Шпанија, Италија, како и во Грција, оставајќи ги тие луѓе во беда и сиромаштија. Поради тоа европските лидери, а особено Ангела Меркел, треба да престанат да се коцкаат со животите на луѓето“, рече лидерот на СИРИЗА. Неговата коалиција има најголеми шанси за победа на новите избори.
Солидарноста не е еднонасочна улица
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле предупреди дека новите избори во Грција, закажани за 17-ти јуни, ќе претставуваат одлука за иднината на земјата во еврозоната.
„Грците треба да знаат за што гласаат. Не станува збор за политика, туку за иднината на Грција во Европа и еврозоната. Се надеваме и очекуваме дека сите кои имаат право на глас се свесни за својата одговорност“, предупредува Вестервеле, потсетувајќи дека германската влада е солидарна со Грција, но дека „солидарноста не е еднонасочна улица“.