1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Централните банки посегнуваат по последното средство

30 ноември 2011

Со усогласена акција, најважните централни банки во светот дадоа сигнал против должничката криза. Тие на банките им ставија на располагање доволно средства за да спречат кредитен колапс.

https://p.dw.com/p/13JwX
Фотографија: Fotolia/svort

Целта на заедничката акција на централните банки е поддршка на деловните банки и стопанството во засегнатите држави, се вели во соопштението на централните банки. Со тоа се ублажува затегнатоста што владее на финансиските пазари и се стабилизира обезбедувањето кредити за буџетите и стопанството, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ) во Франкфурт.

Dossierbild Fundraising Spende Geld Bild 2
Фотографија: Fotolia/fabioberti.it

Во акцијата учествуваат ЕЦБ, емисионата банка на САД - ФЕД, како и централните банки на Канада, Велика Британија, Јапонија и Швајцарија. Кина истовремено ја олабави каматната стапка за да ја поттикне внатрешната конјуктура. Берзите реагираа со добивка.

Со одлуката на централните банки се намалуваат каматите за краткорочните доларски кредити за деловните банки. Централните банки истовремено договорија меѓусебно да си стават на располагање и други валути под поволни услови, доколку биде потребно. Целта на овој чекор е да се олесни добивањето кредит и да се избегне „тесно грло“, како што се случи по банкротот на Леман-банката во 2008 година.

Автор: ЖА/ЗЈ/дпа/ртре

Редактор: Ж.Ацеска