1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Центар за стара музика

2 март 2012

Во Келн со векови има развиена сцена која се занимава со стара музика, односно со стилови на музицирање од средниот век, ренесансата и барокот. Сега е отворен и Центар за стара музика.

https://p.dw.com/p/14D7q
Фотографија: Michael Rathmann

Иако Келн долго време важи за упориште на сцената на стара музика во Германија, досега немаше место каде музичарите можеа да разменат информации и искуства или едноставно поволно да изнајмат простории за проби. За музичарите на Кончерто Келн и нивниот раководител Јохен Шефсмајер долго време беше јасно дека тука нешто мора да се промени. Така, созреа планот за основање центар за стара музика. „Идејата настана како резултат на тоа што овде има доволно место, а се покажа и дека нема толку волја со јавни средства да се дава поддршка на одделни ансамбли, туку на некакво нивно здружение“.

Der Heliosturm in Köln-Ehrenfeld
Објектот се наоѓа во Келн-ЕренфелдФотографија: Marita Berg

Нов дом

Иако музичарите од келнската сцена се, се разбира, конкуренти, проектот наиде на голем одек. Тие минатата година основаа Келнско здружение за стара музика. За да ги заинтересираат можните донатори од јавниот сектор или приватни спознори за идејата за Центар за стара музика, тие морале најпрво да изработат конкретни планови за новиот центар. На голем број седници музичарите и менаџерите од редовите на старата музика ги формулирале своите цели. „Сакавме да ставиме на располагање простории за проби и канцеларии, како и можности за работење за различни ансамбли“ , објаснува Шефсмајер. „Со оваа идеја ги заинтересиравме градот и покраината и сега е завршен првиот дел од градежните работи“.

Во меѓувреме во центарот се вселија првите ансамбли, меѓу нив и Капела Колониензис, Новиот оркестар и Кантус Келн. Освен тоа, поволно можат да се изнајмат и простории за проби, а на музирачите на располагање им се ставени и различни инструменти. До лето треба да бидат готови и три гостински соби за музичари кои не се од Келн.

Zentrum für Alte Musik
Ден на отворени врати во Центарот за стара музикаФотографија: Michael Rathmann

Стара музика за млади луѓе

Меѓутоа, новиот центар не сака да биде само дом и мрежа за музичарите од сцената на стара музика во Келн, туку центарот треба да се користи редовно за манифестации, како симпозиуми, концерти и педагошки проекти од типот на бесплатни училишни концерти, кои Кончерто Келн ги нуди веќе неколку години. Целната група во овој случај е на возраст од 8 до 18 години и има малку или воопшто нема пристап до класична музика.

Педагошките манифестации и во иднина треба да бидат тежиште на работењето на центарот: „За време на последниот училишен концерт водителот, на пример, определи неколку места на кои музицираа и децата. Во соработката со нив имаше магични моменти, во текот на кои и музичарите беа одушевени и велеа - уау, ова беше нешто посебно!“

Автор: Марита Берг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски