1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените на бензинот со уништувачко дејство

Дирк Кауфман / Зоран Јордановски10 април 2012

Секојдневните нови рекорди кај цената на горивата предизвикува незадоволство и лутина кај луѓето во Германија. Но, за претпријатија и за цели бранши тие можат да значат загрозување на егзистенцијата.

https://p.dw.com/p/14Xcz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кој оди секој ден на работа со автомобил, еднаш во неделата во набавки, два пати во месецот на подолги излети и еднаш во годината на годишен одмор, разбирливо дека е лут поради цените на горивата. Ако во годината троши 1500 литри, покачувањето на цената за 20 центи по литар му го оптоварува семејниот буџет дополнително со 300 евра годишно.

Кај претпријатијата не може да се прави ваква сметка, вели Хубертус Барт од Институтот на германското стопанство од Келн. Стопанството генерално е „помалку зависно од поединечната цена на бензинот, а повеќе од цените на енергенсите вкупно“, вели тој за ДВ.

Tankstelle Hohe Benzinpreise
Фотографија: DW

Таксистите се посебно погодени

Но, има поединечни бранши кои многу трпат поради рекордните цени на горивата - на пример, такси-превозот. По правило таксистите возат осум часови на ден, а по крајот на смената во возилото седнува друг возач. Клаус Траутман има такси-претпријатие во Бон, со шест возила. Секое од нив годишно поминува 80 илјади километри, главно на кратки патеки во центарот на градот. Тоа, пак, значи повисока потрошувачка отколку на отворен пат. Просечната потрошувачка на сите возила на Траутман е 9,2 литри на сто километри. Пораст на цената на горивото за 20 центи за него значи дополнителен трошок од 1500 евра по возило, односно 9 илјади за шесте автомобили годишно.

ADAC Taxitest 2011
Фотографија: ADAC

Страв за егзистенцијата

Економскиот експерт Хубертус Барт прави разлика - засегната е транспортната дејност во целина, но транспортерите „можат трошоците да им ги префрлат на клиентите, а таксистите не“. Такси-превозниците, имено, не можат самостојно да ги утврдуваат цените, туку тие мораат да бидат одобрени од градот и по правило важат една година. За оваа година на таксистите во Бон им беше одобрено покачување на тарифата за шест проценти, но тоа беше пред да настапи сегашнава експлозија на цените на горивата. А дури и да смеат сами да ги кренат цените, таксистите би имале проблем - возењето со такси во Германија е скапо задоволство и тие би останале без муштерии. Клаус Траутман дури по кратка пауза одговара на прашањето дали му наидуваат стравови за егзистенцијата: „Да, ги има. За нас е многу тешко“.

Нема место за паника

Експертот Хубертус Барт не е песимист за германското стопанство севкупно. Тој не очекува бран од банкроти и не гледа никакви „значителни економски тешкотии од тој поединечен ефект“ со кои би се соочило стопанството.

Но, Барт укажува на другата, сјајна страна на медалот: повисоките цени на горивата значат и повисоки приходи на државата од даноците на минерални масла - еколошкиот и данокот на додадена вредност. Барем министерот за финансии може да профитира од развојот на цените!

Од тоа произлегува и едно друго порамнување. Германското стопанство е екстремно зависно од извозот. Но, Германија е зависна и од увозот на нафта, па стопанството трпи поради високите цени. Во други земји, пак, кои профитираат од растечките цени на суровата нафта, се зголемува куповната моќ. Тие повеќе ќе купуваат - покрај другото, и стоки од Германија. „Севкупно економски, на една страна ги имаме трошоците, но на другата ја имаме ползата, така што нема место за паѓање во паника“, сумира експертот Хубертус Барт од Институтот на германското стопанство од Келн.