1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на струјата од денеска скокна за 9,83 проценти

АМ/миа/макфакс1 август 2012

Од септември во Македонија ќе се плаќаат сметки за струја поголеми за 9,83 проценти. Од денеска стапи на сила и новата цена на парното. Со нов правилник, пак, се присилуваат граѓаните да се вклучат на системот за греење.

https://p.dw.com/p/15hkV
Фотографија: Fotolia/kritiya

Зголемените сметки за електрична енергија ќе се однесуваат на потрошената струја во август. Во истовреме со поскапувањето на струјата, во Македонија официјално беше пуштена во употреба новата хидроелектирчна централа „Света Петка“. Таа ќе снабдува 40.000 домаќинства со електрична енергија. Нејзината изградба чинеше околу 75 милиони евра, инсталираната моќност и’ е од 36,4 мегавати и годишно производство од 66 гигават-часови електрична енергија. Со паралелна работа на ХЕЦ „Козјак" и ХЕЦ „Св. Петка", ќе се добие дополнителна расположива моќност од 116,4 мегавати во електроенергетскиот систем на Република Македонија.

Поскапе и парното греење

Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика од денеска се зголеми и цената на топлинската енергија. Таа за корисниците на Топлификација се зголемува за 3,88 отсто, на Скопје Север за 3,75 отсто, а непроменета останува цената на ЕЛЕМ енергетика. Донесени се и новите правилници за топлинска енергија, според кои сите корисници требаат да се вклучат во системот, а потоа доколку сакаат да се исклучат мораат да добијат согласност од станарите.

Symbolbild Energie Heizung Heizkörper Heizkosten Heizungsregler Gasheizung Ölheizung
Реакции за новите правилници за топлинска енергијаФотографија: Fotolia/dondoc-foto

Движењето PYKA ја повика Регулаторната комисија за енергетика да го повлече правилникот за централно греење, со кое ги присилува исклучените граѓани да се вклучат во системот и да плаќаат ретрокативно за месеците и годините од исклучувањето.

„Со овој правилник, Вие како Комисија на директен начин создавате економски монопол на една компанија, и директно ги кршите човековите права и слободи, со тоа што им го наметнувате на граѓаните начинот на греење во зимскиот период“, реагираат од ова движење.

Движењето PYKA смета дека Топлификација е таа која треба да им плати на граѓаните, на тие што сега се исклучени од нивниот систем, поради цевките кои минуваат низ нивните становите, со што узурпираат дел од просторот кој е во приватна сопственост на граѓаните. Ваквите законски решенија имплицираат систематско институционално насилство над граѓаните, со што се прави систематска штета на граѓаните, сметаат до ова движење.

„Го повикуваме Народниот правобранител да покрене законска процедура за запирање на имплементацијата на овој Правилник, до сите релевантни државни институции кои го штитат правото на слободен избор на граѓаните, вклучително и Уставниот суд", велат од PYKA.