1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наследството на партизаните и уништувањето споменици

Ксенија Цветковиќ-Сандер / Мартин Сандер
22 јуни 2021

Денеска во Хрватска по 30. пат се одбележува „Денот на антифашистичката борба“. Од стекнувањето независност во 1991 година досега се уништени или оштетени отприлика половината од антифашистичките споменици во Хрватска.

https://p.dw.com/p/3vJjS
Serbischer Partisan Stjepan Filipović
Фотографија: United States Holocaust Memorial Museum/Courtesy of Muzej Revolucije Narodnosti Jugoslavije

Онаму каде што Неретва го „љуби“ Јадранско Море, таму се наоѓа Плоче. Од 1976 година во овој далматински град се наоѓа „Спомен парк на револуцијата“. Во тој парк се оддава почест на жртвите на фашизмот. Некои од водечките партизани од долината на Неретва, односно народни херои, добија и бисти - нивните глави тогаш беа поставени на посебно дизајнирани подести. Подестите се сѐ уште таму. Но, не и главите. Во летото 1991 година, на самиот почеток на војната во Хрватска, некои луѓе уништиле две глави. Никој во Плоче не сака да каже кои биле тие луѓе. А подоцна нивните потомци им ги симнале главите и на останатите партизани, па ги „складирале“ некаде кај себе дома, ни раскажува Ведран Сршен, автор и активист од Плоче.

Сршен е бесен поради уништувањето на антифашистичкото наследство и величањето на усташкиот фашизам во неговата татковина. Затоа во април годинава Сршен од Уставниот суд на Хрватска побара, како што вели, да му се одговори на прашањето дали усташите биле борци за хрватска слобода, односно - треба ли во Хрватска да се одбележува 15 мај и дали тој датум е во согласност со Уставот на Република Хрватска. Станува збор за Денот на хрватските жртви во борбата за слобода и независност. Во Хрватска е познато дека на 15 мај 1945 година усташите, кои дотогаш се бореле на страната на нацистичка Германија, им се предале на Титовите партизани кај местенцето Блајбург, во Корушка. Партизаните убиле многумина од нив. „Но“, аргументира Сршен, „усташите не паднале за слобода и независност на Хрватска. Тие биле марионети на германскиот окупатор.“ Со Денот на сеќавање се релативизираат злосторствата на усташите врз Евреите, Србите, Ромите и антифашистичките Хрвати, вели тој.

Kroatien Partisanendenkmälern Autor und Aktivist Vedran Srsen (Vedran Sršen)
Ведран Сршен е бесен поради уништувањето на антифашистичкото наследство и величањето на усташкиот фашизам во неговата татковинаФотографија: Martin Sander

Сршен уште во 1989 година се ангажирал во Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Фрањо Туѓман, која со сите средства се залагаше за независност на Хрватска. Туѓман, кој во 1991 година е избран за претседател на Хрватска, и самиот се борел со Титовите партизани и подоцна напредувал до чин на генерал во Југословенската народна армија (ЈНА). Но, некои клучни луѓе со коишто се поврзал во 1980-тите и почетокот на 1990-тите, имаа сосема поинакво минато - тие беа приврзаници на усташкиот режим и по неколку децении живот во егзил се вратија во татковината и беа одлучни во намерата да ѝ удрат свој печат на новата, независна Хрватска.

Помеѓу антифа-традицијата и усташкиот поздрав

Оттогаш, оваа земја, во која и во овој момент владее партијата ХДЗ, жонглира помеѓу фашизмот и антифашизмот. Од една страна, на 22 јуни се одбележува Денот на антифашистичката борба. Од друга страна, половина од 7.000 антифашистички споменици од социјалистичкото време се или уништени или оштетени - меѓу нив и некои драгоцени дела на модерната уметност. Досега никој не одговарал за уништувањето на споменците. Освен тоа, секогаш одново се распламтува и дискусијата околу фашистичкиот поздрав „За дом спремни“, кој е всушност забранет, но се толерира во некои пригоди.

Ведран Сршен одамна ѝ има завртено грб на ХДЗ. Тој со години ја критикува својата поранешна партија поради нејзиниот однос кон минатото. Во крајбрежното место Градац, кое е на неколку километри северно од Плоче, Сршен нѐ води до едно место од коешто се пружа убав поглед на Јадранско Море. На тоа место порано се наоѓал споменик на познатиот хрватски скулптор Антун Аугустинчиќ.

Denkmal im dalmatinischen Gradac Antun Augustincics (Antun Augustinčić)
Делото на Антун Аугустинчиќ во ГрадацФотографија: Martin Sander

Релјефниот столб е недопрен. Но, импресивната фигура на партизански борец лежи на земја веќе 30 години. Прилично оштетен. Еден ден, на почетокот на 1992 година, во Градац дошле хрватски војници кои во близина се бореле против Србите. Тие го врзале партизанот со јаже и го влечеле со воен камион, игнорирајќи ги протестите на локалното население. „Што им направиле партизаните на овие луѓе воопшто?“, прашува Сршен. Огромното мнозинство од жителите на оваа област во Втората светска војна беа на страната на партизаните.

Повеќе: Кој го убива антифашизмот во поранешна Југославија? 

Демократија без партизански споменици

Недалеку од Плоче, среде делтата на Неретва, се наоѓа гратчето Опузен. Но, од споменикот кој градот му го посветил на својот најпознат син во 1978 година, нема ни трага. Стјепан Филиповиќ од Опузен бил командант на баталјон во југословенската партизанска армија. По наредба на германските окупатори е обесен во српско Ваљево во 1942 година. Позната е фотографијата на која Филиповиќ со јаже околу вратот стои под бесилката, со раце кренати во воздух додека повикува на отпор против окупациската сила. Фотографка го има овековечено тој момент, а сликата (насловната фотографија) стана икона и денес се наоѓа во Музејот на холокаустот во Вашингтон.

Stepan Filipovic Denkmal in Opuzen Kroatien
Вака некогаш изгледаше споменикот на Стјепан Филиповиќ во неговиот ОпузенФотографија: uafdu.hr

Споменикот на Филиповиќ во неговиот Опузен во 1991 година бил миниран од неколку момчиња. За тоа биле платени од моќни членови на ХДЗ. Потомците на партизаните кои живеат во Опузен и кои се залагаат за реставрација на споменикот, не сакаат да ги откријат имињата на сторителите. Велат дека сѐ уште не е созреано времето за тоа. Младите момчиња на главниот плоштад во Опузен воопшто не се заинтересирани за Филиповиќ. Исто како што не ги интересира ни антифа-традицијата и Титова Југославија. Велат дека треба да се „отстранат“ сите партизански споменици. Тоа било демократија, тврдат тие со насмевка на лицето.

Симбол на отпор и слобода

Во исто време, во целата земја расте згрозеноста поради уништувањето антифашистички споменици. Загрепската историчарка на уметност Даворка Периќ ја покрена иницијативата „Освежување на меморијата“. Меѓу другото, таа се залага за обновување на споменикот на Филиповиќ во Опузен. Тоа е универзален симбол на отпорот и слободата, тврди таа.

Остатоците од уништениот споменик, кои биле спасени и скриени од жителите на Опузен, Периќ ги изложи во Загреб - против волјата на долгогодишниот градоначалник на Опузен. Покрај тоа, таа со нејзината иницијатива се поврза и со други групи. Меѓу нив е и ВЕДРА од Сплит, здружение на ветерани од војната во раните 1990-ти во Хрватска, организација основана пред неколку години со цел да го брани антифашизмот како еден од темелите на денешната хрватска држава.

И во Опузен полека почнуваат да дуваат некои нови ветришта. Локалните ХДЗ-овци во меѓувреме дури го променија и генералниот урбанистички план, па земјиштето на коешто се наоѓаше споменикот на Филиповиќ го претворија во економска зона за да спречат обнова на истото место. Но, на неодамнешните локални избори, ова гратче доби нов градоначалник. Тоа е независниот кандидат Иван Матага. Тој е подготвен за разговор во врска со споменикот на Филиповиќ. Картите се мешаат одново во долината на Неретва.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема