1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Хорор“ групи за германските фудбалски тимови

25 август 2006

Тешки противници за германските фудбалски клубови во Лигата на шампионите. Херта од Берлин по шести пат за седум години е во купот на УЕФА. Германските кошаркари се пласираа во осминафиналето на светското кошаркарско првенство во Јапонија.

https://p.dw.com/p/Aehw
Пехарот на Лигата на шампиони
Пехарот на Лигата на шампиониФотографија: dpa

Атрактивни противници, но не и несовладливи – така гласат коментарите за групите во кои во Лигата на шампионите играат Баерн и Хамбургер. Но, затоа, познавачите на фудбалот се апсолутно единствени дека Вердер Бремен ја доби можеби најтешката група. Вердер, во групата А, ќе игра со тимовите на Барселона, Челзи и Левски од Софија. Баерн во групата Б се среќава со Интер, Спортинг од Лисабон и Спартак од Москва. Хамбург, пак, според извлекувањето во Монте Карло, ќе се натпреварува во групата Г со Арсенал, Порто и ЦСКА од Москва.

Големата тројка на германскиот фудбал оваа сезона има намера да игра така за да се заборават лошите резултати од минатите години. Од триумфот на Баерн во 2001 година, крајна станица за тимовите од Бундес лигата беше четвртфиналето на Лигата на шампиони. Тренерот на Баерн, Феликс Магат, вели: “Обврска ни е да ја минеме фазата на натпревари по групи, но би било несериозно да говориме за шампионската титула.“

Берлинска Херта, пак, со нерешениот резултат 2:2 со грузискиот Амери Тбилиси, вчеравечер успеа да обезбеди по шести пат за седум години натпреварување во главната рунда на купот на УЕФА. Првиот натпревар Херта го доби со 1:0. Тренерот Фалко Гец изјави: “Ова сигурно не беше добар натпревар, но ние одиме натаму. А, тоа ни беше и целта.“

Германските кошаркари,пак, успеаја да ја минат играта во групи на светското првенство во Јапонија. Суперѕвездата Дирк Новицки и неговите колеги по три продолжувања успеаја да го победат шампионот на Африка, Ангола, со 108:103 и во недела во осминафиналето ќе играат против екипата на Нигерија.

Додека фудбалерите и кошаркарите се занимаваат со тактики и планови за наредните противници, велосипедизмот не може да се ослободи од товарот на скандалите со допинг. Експертот за допинг, Вернер Франке, поднесе кривична пријава против велосипедистот професионалец, Јан Улрих, дека дал неточна изјава под заклетва. Франке има намера да поднесе документи кои се спротивни на она на што се заколнал Улрих, со што практично ќе се докаже дека Улрих сторил кривично дело. Улрих во својата изјава под заклетва тврди дека нема ништо со допинг скандалот околу шпанскиот лекар Еуфемиано Фуентес. Според Франке, тоа е во спротивност со досието за скандалот, зашто во меѓувреме се познати повеќе работиза тоа како допинг грешниците платиле за забранетите услуги:

“Таму има јасни тврдења за велосипедисти, меѓу кои и Јан Улрих, кои платиле определени износи пари и тоа точно на која банка, а делумно се наведени и прецизни износи.“

Улрих неодамна го тужеше Франке затоа што професорот од Хајделберг тврдеше дека тој за една година дал 35 илјади евра за илегални супстанци. Франке вложи приговор.