Холандија виновна за смртта на тројца муслимани во Сребреница
6 септември 2013Судијката Флорис Бакелс ја потврди претходната одлука на пониските судски инстанци по што семејствата на жртвите се расплакаа и се прегрнуваа од радост. Конечната одлука значи дека поранешниот преведувач на ОН, Хасан Нухановиќ, чии татко, мајка и брат беа убиени од српските сили откако холандските мировници ги исфрлија од базата на ОН, сега ќе може да бара и отштета од холандската држава.
Пресудата се однесува и на роднините на уште еден вработен во базата, електричарот Ризо Мустафиќ кој исто така бил убиен откако бил избркан од базата. Убиена била и мајката на Мустафиќ, но нејзината смрт не беше дел од актуелниот случај.
Трите жртви се само мал дел од проценетите 8 илјади муслимански мажи и деца кои беа убиени од силите на босанските Срби предводени од генералот Ратко Младиќ, кој без проблеми се справи со лесно вооружените холандски „сини шлемови“ и го освои градот кој важеше како безбедна енклава обезбедувана од ОН.
Денешното рочиште беше кулминација на процесот кој траеше речиси една деценија, откако во 2003. семејствата Нухановиќ и Мустафиќ поднесоа тужба против Холандија, тврдејќи дека трите жртви кои работеле во базата можеле да бидат спасени, доколку им било дозволено да останат во базата.